По трагична сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански Одреди“ во Скопје, во која беше прегазена и загина 22-годишната Фросина Кулакова, на социјалните мрежи се споделуваат повици за протест кој ќе се одржи денеска. Според објавите, се повикува на протестен собир и блокада на булеварот, во знак на револт против дивеењето на возачите и небезбедноста на улиците. Во најавите, кои немаат официјална потврда и конкретен организатор, се споменува дека протестот ќе започне во 13 часот.
Граѓани вчера спонтано оставаа цвеќе и пораки на сочувство на местото на несреќата кај Универзалната сала. Обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач В.Ј., кој ја усмрти Фросина возел пијан и без возачка дозвола, со огромна брзина и поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. На возачот му беше одреден притвор од 30 дена. Претходно, Обвинителството соопшти дека тој бил обвинет за продавање дрога и дека во таа постапка бил во притвор, но скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.