Голем број граѓани на социјалните медиуми за денеска во 13 часот повикуваат на протестен собир на местото каде смртно беше прегазена 22-годишната студентка Фросина Кулакова. Се споделуваат повици за протест со порака да се подигне јавната свест за одговорноста во сообраќајот, но и одговорност за сторителот. Тие бараат надлежните да отворат очи.
– Уште еден миленик на системот предизвика трагедија во Македонија. Сведоци сме на судењето на Панче и Вања, каде на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, видовме дека во изминатите 20 и повеќе години неколку пати му било прогледувано низ прсти. Сличен е случајот со 20-годишниот Васил Јованов кој уште лани требало да заврши зад решетки за продавање на наркотици, но тој на некој волшебен начин излегол на слобода. Неказнивоста предизвикува трагедии и ние оваа лекција мораме да ја научиме, и да спречиме милениците на системот да ни ги убиваат децата – вели новинарот на Слободен печат, Срѓан Ивановиќ.