Остра реакција и барање за замена на директорката на Детската клиника – Козле стигна од самиот лекарски тим до медиумите. Како што е наведено во писмот, лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле бара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска. Нивното барање за разрешување на директорката е поттикнато од „последна скандалозна одлука за колешката д-р Веселинка Митровска Јосифовска, реномиран ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство“, која добила отказно решение за што докторите бара итно враќање на нивната колешка на работа од страна на институциите на системот. – Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р.Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти.
Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту пак присуството на лекар кој има 22 год искуство со оваа проблематика би можело на било кој начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите кои се присутни, а имаат долгогодишно искуство би можеле да интервенираат веднаш. Но парадоксот е дека според директорката како што пишува во отказното решение е дека нејзиното присуство го довела во опасност животот на пациентот – се нагласува во писмото испратено до медиумите.