Јавното претпријатие „Државни патишта“ во програмата за работење за 2025 испланира вкупно 150 милиони евра за „Бехтел и Енка“, изведувачот на автопатските делници од Коридор 8 и Коридор 10Д. Од овие средства, 130 милиони евра се веќе предвидени во државниот буџет за оваа година за американско-турскиот конзорциум, а јавното претпријатие има уште околу 20 милиони евра непотрошени од претходните години кои дополнително ќе се префрлат за операторот, пишува во програмата. Од кинеската „Ексим банка“ за автопатот Кичево – Охрид за оваа година е планирано кредитирањето да продолжи со 75 милиони евра, а тие пари ќе одат за кинескиот изведувач „Синохидро“.
Покрај тоа што ќе се вратат вкупно 55 милиони евра за основни рати и камати од странските кредити за финансирањето на изградбата на сите автопатските делници и магистралните патишта, предвидено е преку Министерството за финансии да се вратат уште дополнителни 10 милиони евра, покрај редовните, од репрограмираниот долг кој во меѓувреме ни го наметна кинеското задолжување за автопатот Кичево – Охрид. За експропријација на земјиште програмирани се 10 милиони евра, а за проектирање и надзор пишува дека се предвидени 12,5 милиони евра севкупно. За автопатската делница, Кичево – Букојчани, која е дел од Коридор 8 но надвор од проектот со „Бехтел и Енка“, се планирани околу 11 милиони евра, иако со години нема информација до каде е овој план. Последно што беше објавено од ЈПДП е дека имало распишан повик за изведувач и надзор.
Околу 16,35 милиони евра за предвидени и за автопатот Скопје – Блаце, но и тука со години нема никаков напредок и новата власт сака да ја промени делницата на градење. Најновото ветување е дека на почетокот на летото ќе бидат пуштени првите километри од автопатот Кичево-Охрид. За клучните инфраструктурни проекти имаше законски измени со кои првпат се воведе можност за зимско асфалтирање и за забрзување на активностите за експропријација, но не изостана реториката за причините за застоите и одложувањата на тековните проекти за несоодветно планирање, закочени постапки за експропријација, репроектирања, енормно зголемени трошоци,…. „Бехтел и Енка“ трета година по ред нема започнато со трасирањето на автопатите, а за нив се подготвува ново законско олеснување со кое ќе можат да доведат повеќе странски работници. Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, на почетокот на годината рече дека добрата координација помеѓу институциите го забрзува работењето со овој конзорциум.. „На почетокот на наредната година очекуваме да се заврши со изградбата на камповите на изведувачот и очекуваме значително да се зголемат активностите на терен. За 2025 година планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 км, на Гостивар–Букојчани планирани се активности на приближно 17 км и на Прилеп–Битола планирани се активности на приближно 25 километри“, изјави претходно Трајановски.