Васил Јованов, пред да се седне во „пежото 207“ во средата навечер со кое ја прегазил Фросина, се сликал како пие вино и пред полноќ, иако немал возачка, се чувствувал слободно без пардон да ги прекрши сите сообраќајни правила. Со свеќи, цвеќиња, но и извици голем број граѓани вчера го искажаа својот револт кон системот и општеството кои негуваат неказнивост, кои штитат и му даваат моќ на младо, 20-годишно момче, кое пијано и без возачка дозвола на црвено прегази 22-годишна девојка од Неготино која ја поминувала улицата прописно, на пешачки премин. -Не можам да живеам, што е ова скапано, скапана држава, никаква. Си го пуштила мајка му сабајле детево, дрогираш било, му ја дала колата го пуштиле. Затвор! – викаше револтирано една од граѓанките. Протестот на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена Фросина Кулакова, студентка по дизајн на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, беше спонтано организиран. Васил Јованов, пред да се седне во „пежото 207“ во средата навечер, се сликал како пие вино и пред полноќ, иако немал возачка, се чувствувал слободно без пардон да ги прекрши сите сообраќајни правила. По трагедијата судија на претходна постапка му одреди 30-дневен притвор.– Две семејства. Во едното расте момче кое на 20 години зад себе веќе има криминално досие, а во другото расте девојче кое на 22 години е полно со младешки елан, визија за иднина, трудољубие, успеси и љубов кон животот. Две семејства се закопани со еден удар. Едното од тага по изгубеното чедо, другото затоа што создале убиец. Парите имаат моќ да поткупат, но не и да ја вратат продадената душа на ѓаволот. И секое наше дете може да биде Фросина, сѐ додека имаме закон продаден за пари. Ни се случува Кецмановиќ на улица – напиша професорката Татјана Алексиќ, што е само една од бројните реакции во јавноста, која се споредува случајот со тој во Србија кога малолетник ги уби своите соученици.
Имал обвинение, но бил на слобода. Јованов, иако млад, веќе има богато досие со кривични дела. Имал обвинение затоа што полицијата во стан што тој го користел му пронашла 14 кесички со марихуана со вкупна тежина околу 24 грама и едно пакување кокаин од 0,24 грама. Во друг стан, кој го користеле заедно со друга обвинета, полицијата нашла 279 грама марихуана и 16,4 кокаин. Бил и во притвор, но судот му го укинал. Од она што е официјално соопштено од Обвинителството, Министерството за внатрешни работи на 30 март минатата година поднело кривична пријава против него за дрога, односно за неовластено производство и пуштање во промет накркотични дроги. Уште истиот ден јавниот обвинител донел наредба за поведување на истражна постапка против осомничениот, кој на 2 април веќе бил однесен во притвор во Шутка. – Истрагата е завршена за помалку од два месеци и на 21.05.2024 година јавниот обвинител поднесе обвинителен акт, при што побарал и продолжување на мерката притвор. И тој предлог е прифатен и на лицето му е продолжен притворот до 31.07.2024 година, кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение со кое го огласи за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укина притворската мерка – соопшти Јавното обвинителство. Тоа значи дека Јованов бил во притвор до 31 јули, кога Кривичниот донел пресуда – решение со кое го огласил за виновен и му изрекол воспитна мерка која требало да ја издржува во Воспитно поправниот дом во Тетово, третирајќи го како помлад полнолетник, па на Јованов му го укинал притворот. Фактички, Јованов бил на слобода, не отишол ниту во воспитно поправниот дом во Тетово и ја чекал правосилноста на пресудата. – На 30.09.2024 година јавниот обвинител, незадоволен од пресудата, вложи жалба и предметот уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена, со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка – велат од Обвинителството.
Но, во неговото досие не е само кривичната пријава за дрога. Во 2023 година заработил кривична пријава и за сообраќајка што ја направил на 4 ноември 2022 година, кога била повредена жена – сопатник во возило. Според нашите информации, пред две години, кога Јованов најверојатно имал 18 години, удрил во паркирано возило и повредил сопатничка во автомобилот. Но и тогаш се извлекол со плаќање казна од 18 илјади денари. – Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл. 43 од Законот за кривична постапка (ЗКП), а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова, МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство – додаваат од Обвинителството. По соопштението на Обвинителството, гневот на целата јавност се пренасочи кон судијата, бидејќи наместо притвор и затворска казна му одредил мерка во воспитно поправен дом, иако бил полнолетен. Кривичниот суд го објави името на судијката која изрекла ваква мерка, Даниела Алексовска Стојановска, која донела ваква одлука согласно одредбите од Законот за правата на децата на лицето со неполни 20 години. – Заводска мерка – упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку шест месеци, а најмногу пет години, односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се засметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет – од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година. Согласно законските одредби од ЗКП, по досудена заводска мерка, мерката притвор не може да опстојува поради што јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелацискиот суд Скопје, од каде уште не е вратен на евентуално извршување – велат од Кривичниот суд.
Гневот на целата јавност се пренасочи кон судијата. Согласно евиденцијата на судот, Јованов не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка против него за други кривични дела. Тој немал друга кривична пријава, процесуирана до судот, ниту прекршочна пријава од областа на сообраќајот. Евидентиран бил единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена поради нарушување јавен ред и мир. Според Судот, вината не е во судството, туку станува збор за општествен проблем. – Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот по седум месеци од донесената пресуда со која треба да биде институцијализиран може да стори друго кривично дело, па поради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја, како и меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде неретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со законите може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва поради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и непоседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем – велат од Судот. Законски, и судијката е покриена, затоа што Законот за правда на децата предвидува изрекување воспитни мерки на помлади полнолетни лица. – Дали требало судечкиот судија да ја одреди санкцијата која ја одредил е неблагодарно прашање во услови кога по исклучок има законски основ по член 71 од Законот за правда за децата. За жал, исклучително ниската доверба во судството го чини своето и секоја ваква одлука се дочекува на нож. Бидејќи една деценија и повеќе се судам кај судечкиот судија кој ја изрекол санкцијата, апсолутно сметам дека не се работи за корупција или влијание. Судија со интегритет, без дамки и позната како судија која дава втора шанса, која очигледно Васо нит ја заслужил нит искористил, а која сега на судијата ѝ се удира од глава. За конкретната сообраќајка, покрај нормално, кај сторителот, вина највеќе наоѓам кај родителите. Знаете, кога бељата ќе дојде, веќе е доцна. Факт е дека богатите и моќни се провлекуваат, затоа сега е важно да се има показна вежба и господинот сторител, кој не искористил златна шанса да стави прст на чело, да биде жестоко санкциониран – вели за „Слободен печат“ адвокатот Јанаки Митровски. Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека Јованов имал и сообраќајни прекршоци, нарушување на јавниот ред и мир и кривично правни настани поврзани со дрога. -Ве информираме дека лицето за кое прашувате изминатите неколку години во електронските евиденции на Министерството за внатрешни работи се јавува како лице кое учествува во неколку кривично-правни настани поврзани со недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир-насилство и како сторител на повеќе сообраќајни прекршоци. Од страна на Министерството за внатрешни работи соодветно е постапувано и за истото се поднесени соодветни поднесоци и платни налози – велат од МВР. Засега сите се институции најдоа оправдување и си го тргнаа товарот од вина. За помалку од десет години ова е трета жртва на истото место. Жртви се три девојки дојдени во Скопје од други градови. Загинаа Фросина од Крива Паланка, Викторија од Радовиш и повторно Фросина, овој пат од Неготино.