Се заокружи постапката за пласман на 250-те милиони евра од унгарскиот заем кон компаниите, соопшти Министерството за финансии. „Договорите коишто ги одобри Владата на последната владина седница, се веќе потпишани од страна на Министерството за финансии и Развојната банка на Северна Македонија. Во тек е постапката за потпишување на договорите на Развојната банка со деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата кон крајните корисници, односно компаниите. Станува збор за 250 милиони евра кои ги обезбеди Владата за поддршка на приватниот сектор, а кои ќе се пласираат кон крајните корисници по исклучително поволни услови. Односно, рок на отплата до 15 години, вклучен грејс период до три години, камата од само 1,95%, и без надоместок за одобрување и управување“, велат од министерството.
Парите, додаваат во соопштението, согласно со усвоените услови од Владата и со потпишаните договори, може да се користат за основни средства од страна на сите компании во сите сектори. Исклучок се секторот производство или трговија со алкохолни пријалоци, освен пиво и вино, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија. Исто така, парите нема да можат да се користат за рефинансирање на претходни заеми.
„Со ова се покренува инвестициски циклус во приватниот сектор од над 250 милиони евра, имајќи предвид дека корисниците на кредитите треба да учествуваат со 20% сопствени средства во реализација на инвестицијата. Средствата од страна на банките ќе се одобруваат и ќе се исплаќаат врз основа на доставена документација, во транспарентна постапка, која ќе овозможи и соодветна контрола на искористувањето на парите“, се вели во соопштението.
Целта на Владата со оваа мерка е да се поддржат што е можно повеќе инвестиции.