Професорот на Факултетот за политички науки во Белград, Милош Бешиќ, вели дека студентите постигнале тие да се тие што ги наметнуваат темите во општеството, а не владејачката партија, јавуваат српските медиуми.
„Најголемото достигнување на студентскиот протест во општествено-политичка смисла е фактот што откако тој протест зеде замав, тема на денот се протестите и студентите. Веќе не наметнува владејачката партија, туку студентите се тие кои ги наметнуваат темите, па тоа е Славија, Автокоманда, посетата на Обвинителството и РТС. Во политичка смисла, важно е кој ги наметнува темите, а 12 години имавме владејачка партија да го прави тоа, сакал некој или не, доста успешно. Темата на неделата или месецот отсекогаш била она што тие го наметнуваат како тема, а сега тоа го прават студентите“, рече Бешиќ во емисијата „Ден во живо“ на ТВ „Н1“.
Бешиќ изјави дека темата е веќе студентскиот марш од Белград до Нови Сад, а утре ќе има протест во Нови Сад. Тој додава дека владејачката партија се обидува да наметнува теми, но дека веќе ја нема таа тежина. Бешиќ вели и дека овие протести сериозно ја потресоа српската политичка сцена, иако немаа експлицитни партиски политички намери. „Ако се вратиме на 31 октомври минатата година, пред уривањето на настрешницата во Нови Сад, и замислете дека било кој политички фактор повикал на смена и оставка на премиерот, тогаш тоа беше незамисливо.
„Студентите доведоа до смена на премиерот и градоначалникот на Нови Сад и до пад на српската влада, без да бараат пад на владата во нивните барања. А, зошто постигнаа нешто што не го ни побараа? Затоа што тоа што го бараа беше пофундаментално и поважно од која било влада и кој било поединец во структурата на моќта, а тоа беше институциите конечно да почнат да си ја вршат својата работа“, додаде тој.
Зборувајќи за сценаријата по падот на српската влада, Бешиќ оценува дека владејачката партија во Србија „би претпочитала избори, бидејќи тоа би било префрлање во политичката арена“.
„Она што би било најповолно за нив е да ги префрлат работите од активистички на партиски терен, но едноставно студентите, тие што протестираат и опозицијата, нема да се согласат на таква игра под овие услови. Ако го отфрлите ова сценарио, ќе се соочуваат со реконструкција на владата, но тоа нема да има ефект да ја префрли целата дебата во политичката арена“, рече тој.