Еден од најголемите трговски синџири во Хрватска, „Кауфланд“, објави дека ги намалува цените на повеќе од 1.000 производи почнувајќи од 5 февруари, јавија хрватските медиуми. Во екот на новиот бојкот, Владата на вчерашната средба со претставници на трговците и производителите донесе одлука за замрзнување на цените на дополнителни 40 производи. Ова го зголеми бројот на артикли со фиксна цена од претходните 30, на вкупно 70. Потегот доаѓа како одговор на растечкото незадоволство на граѓаните од високите трошоци за живот и инфлацијата.
Трговците ќе имаат седум дена да се приспособат, а одлуката треба да стапи на сила следниот петок, изјави вчера хрватскиот министер за економија, Анте Шушњар. Но, многу економисти и трговци посочуваат дека замрзнувањето на цените не е долгорочно решение, а сè погласни се барањата за намалување на ДДВ за храната. Според нивното мислење, даночните олеснувања би можеле да донесат долгорочни придобивки и стабилност на цените на основните прехранбени производи. Намалување на цените имаше и во друг голем хрватски трговски ланец – „Конзум“, кој најави дека поевтинува вкупно 250 производи, главно од домашни производители. Компанијата наведе дека цените ќе останат замрзнати до 1 јуни 2025 година, а можни се дополнителни надолни корекции.