„Градоначалникот Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ се најголемата елементарна непогода која било кога ја зафатила општина Прилеп. Не само заради раскопаните улици потонати во темница, глутниците кучиња, покачениот данок на имот, зголемената цена на водата и поскапените комунални услуги, туку и заради големата лага наречена – детска градинка „Бајка“, вели Ирена Кироска од СДСМ Прилеп. Таа вели дека ниту после 40 месеци владеење на локално и осум месеци на централно ниво, ДПМНЕ и Јовчески не успеале да ја пуштат во употреба изградената градинка, наследена од претходната општинска власт.
„Епската неспособност на општинските власти и внатрепартиските битки во Општинскиот комитет на ДПМНЕ за фаќање подобри позиции пред локалните избори, се главната причина што градинката „Бајка“ сѐ уште зјае празна. Конкретно, прашањето кој да ги каже имињата на четириесетината воспитувачки, негувателки и техничкиот персонал кои треба да бидат вработени во градинката, е главната причина за кавгата меѓу прилепските функционери на ДПМНЕ. Заради фракционерските битки во партијата на власт, вратите на новата детска градинка во населбата Точила останаа затворени и ден денес. Тоа е вистинското лице на неодговорните и несериозни политичари во обид од владејачката партија, кои заслепени од желбата за власт и моќ во ‘заложништво’ држат 250 дечиња и нивните родители. Oставете ги настрана политичките амбиции, надминете ги вашите суети и конечно ставете ја во функција детската градинка „Бајка“. Тоа е најмалку што, како партија на власт, можете да направите за нашите најмлади сограѓани“, рече Кироска.