Уште пред да ги пуштам децата да одат сами на школо, секој пат на улица по сто пати им повторував: ќе поминуваш само на пешачки премин и ќе чекаш да се запали зелено светло на семафорот. Арно ама, кај нас ни зеленото светло не е зелено. Исто како што ни пешачкиот премин не е пешачки, тротоарот не е тротоар, десната лента од булеварите не е улица туку паркинг, а ни камерите не се камери оти не снимаат, а и кога снимаат снимките се бришат. Се плашам дека ќе се заборави и убиството на 22-годишната девојка, прегазена поминувајќи на пешачки на еден од најпрометните булевари во Скопје, како што се заборавија и десетина претходни слични трагедии. Сега ќе се изнаслушаме серија префрлања на вината од една на друга институција и серија оправдувања, сѐ додека аздисаниот 20-годишник кој ја прегази не излезе од затвор, па ќе се молиме да не нѐ отепа и нас.
Сите надежи за правда пропаднаа кога Собранието ја озакони неказнивоста за политичките функционери. Какви морални вредности имало 20-годишно момче, кога секоја грешка му поминувала неказнето? Па така станал убиец пуштен на улица како темпирана бомба. Неказнивоста се охрабрува. Колку полицајци-телохранители на политичари отепаа луѓе во сообраќајки и никогаш не се осудени? И ова убиство е резултат на серија корумпирани одлуки што го забрзуваат моралното пропаѓање на општеството. Корупцијата убива? Е па, ете. Убива. Колумна на Горан Михајловски