Во Кавадарци и во Скопје денеска ќе се одржат протести за смртта на младата Фросина Кулакова. Првиот протест ќе се организира на плоштадот во Кавадарци, во 12 часот. Протестот во Скопје ќе се одржи во 17 часот, пред Универзалната сала во Скопје. Семејството на Фросина пак, се заблагодари на раководството на затворот во Шутка и на директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов за брзата реакција откако портал објави фотографија како 20-годишниот возач Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина во притвор има мобилен телефон. Од иницијативата „Кој е следен?“ велат „случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт“.
„Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат. Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност“, стои меѓу другото во објавата на „Кој е следен?“.Стотици граѓани во петокот на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков во име на семејството, преку Фејсбук се заблагодари до Пандов бидејќи како што пишува, ја враќа довербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека функционира, откако синоќа тој со својот тим изврши увид во притворските ќелии каде пронајдоа и одзедоа мобилни телефони од притворениците, меѓу кои и од Јованов.
„Како семејство се чувствуваме должни да изразиме јавно благодарност што ни ја враќаш вербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека веќе функционира. Дека злосторниците, убијците ќе го добијат третманот кој им следи, со што ни дава верба дека и судскиот епилог и казните кои ќе ги добијат, ќе бидат адекватни. Уште еднаш огромна благодарност до тебе, до директорот на Шутка и до целиот твој тим – од цело семејство, пријатели и колеги на Фросинче“, напиша нејзиниот татко.