Возачот Васил Јованов кој со возило ја усмрти Фросина Кулакова на „Партизанска“ го набавил телефонот од притвореник кој е од Гевгелија, а издржува притвор во затворот во Шутка, дознава „Скопје1“. Според извори во установата, телефонот бил пренесен од ќелија во ќелија преку затворена опаковка колачи. Услугата чинела 250 евра, а бидејќи Јованов ги немал внатре, парите биле платени кај блиска роднина на затвореникот, од страна на лице блиско до Јованов. Но останува отворено прашањето како и кога бил внесен телефонот во затворот, покрај сите контроли и метал-детектори низ кои минуваат пратките за затворениците. Неофицијално, според правилниците, строго забрането е да се пренесува било што, па макар и храна, од ќелија во ќелија. Уште од првиот ден, кога Јованов влегол во притвор, почнал да бара телефон. Иако е јавна тајна дека уреди има низ повеќе ќелии, никој не се осмелил да му даде. Сепак, овој муабет стигнал до притвореник кој е во затворот повеќе од година. Тој се понудил да му обезбеди, но и да биде платен.
Според информации, на Скопје 1 Јованов од телефонот исконтактирал со неговата девојка, како и со родителите. Разменил пораки и повици. Телефонирањето траеше кратко, бидејќи друг затвореник, го фотографираше, па почнал да се фали со фотографиите надвор од установата. За на крај, тие да завршат во јавност. „Скопје1“ побара потврда за овие информации од директорот на затворот, Бобан Утковски, кој рече дека во тек е истрага и дека засега не може да коментира и споделува информации. Утковски посочи дека штом се утврдат сите детали, тие сите информации ќе ги споделат со јавноста.