Со новата регулатива, финансиските друштва конечно се ставаат во ред. Има ограничување на каматите, на износот што може да се земе, се воведе специјална електронска идентификација. Сепак, тие сè уште не се под контрола на Народната банка. Каматите што ги наплатуваат финансиските друштва за брзите кредити може да бидат од нула до 36 проценти. Дополнително се наплатуваат трошоци за аплицирање. Но, има лимитирање на вкупниот износ што би се вратил, независно од доцнењето. – Ако земете кредит од небанкарско финансиско друштво од 10.000 денари, максимум што може да се врати е 20.000 денари. Ова е во согласност со новата регулатива, која е апликативна од јули 2024 година – потенцираше Никола Јошевски, претседател на Групација на нефинансиски банкарски друштва на денешниот брифинг со новинарите. Новата регулатива направи и чистка на финансиските друштва. Во јули 2023 година беа направени измени на Законот за финансиски друштва со цел поголема заштита на потрошувачите, зајакнати процедури во работењето и поголема транспарентност во јавноста. Со измените во доменот на заштита на потрошувачите беше утврден максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, а се укина и можноста за рефинансирање на претходно достасан кредит во исто финансиско друштво. Се зајакна и корпоративното управување на друштвото со зголемување на минималниот основачки влог на 500.000 евра, место досегашните 100.000 евра, како и задолжително вработување на економист и правник. Сите овие измени резултираа со тоа што се
Според Групацијата во која членуваат 20 небанкарски финансиски друштва, во неколку од нив е воведена електронска идентификација преку апликација. – Никако не се прифаќаат лични карти преку социјални мрежи или во пораки. Преку апликацијата на Евротраст се слика личната карта на клиентот. Се врши проверка кај единствениот имател на податоците. Постои препознавање на ликот, се утврдува дали е вистински човекот, дури се снимаат гестикулациите. Не постои можност за грешка! Ние работиме така, така работат уште неколку, а ќе мораат и останатите во согласност со регулативата – појасни Биљан Мишиќ, потпретседателка на Групацијата и директорка на „Иуте“. Но, што со тие што сè уште го немаат аплицирано овој систем и покрај регулативата? Дали и понатаму може да се случуваат измами како во минатото? Според Групацијата, со Правилникот за заштита на граѓаните за подигање кредити од финансиски друштва на нивно име од трети лица, се воспостави ред и измамите се сведени на минимум. – Кај тие што го немаат воспоставено овој систем, можно е да се префрлат пари само на банкарската сметка на оној што го бара кредитот. Тогаш, банката го презема контролирањето на податоците – појаснува Јошевски. Досега се случуваше со украдена, па дури и со фалсификувана лична карта да се купува нешто од продавниците. Не се споредуваа личните карти на оној што го платил производот преку брз кредит, со оној што го подигнал. Имаше и случаи кога деца ги украле личните карти на родителите, па си подигнале брзи кредити на нивно име. Според Групацијата, од 220.000 одобрени кредити за 180 имало пријави, но и сите тие не се позитивно решени.
Арлинда Муја, потпретседател на Групацијата и регионален директор на „Тиго“ за Македонија и Албанија, тврди дека нашата регулатива за финансиските друштва е најдобра меѓу сите земји од Западен Балкан. Сепак, овие финансиски друштва не се под капата на Народната банка, иако тоа е практика во Европската Унија. – Небанкарските финансиски друштва кредитираат специфично ниво на клиенти. Кога би биле под Народната банка, не би можеле да ги кредитираме. Нобеловецот Мухамед Јунуз се смета за татко на овие финансиски друштва. Тој овозможил кредитирање на посиромашните и придонел за економскиот развој. Верувам дека кога и кај нас ќе се порасне животниот стандард, финансиските друштва ќе бидат под надзор на Народната банка – одговори Јошевски на новинарско прашање. Портфолиото на нефинансиските друштва е 171 милион евра и нивното учество во финансискиот сектор е 1,1 процент. Нулата е навистина нула. Ако на некој кредит пишува дека е со нула процент камата, тоа е навистина така, тврди Биљана Мишиќ, потпретседателка на Групацијата. – Еве зошто е тоа така. Ние склучуваме договор со трговците. На пример, одите и купувате телевизор од 10.000 денари. Ние овозможуваме ликвидност, така му овозможуваме на трговецот да го продаде производот, парите веднаш му ги префрламе, затоа нему му наплаќаме, а купувачот на телевизорот не плаќа камата и го отплатува на рати – рече Мишиќ.