Деновиве на социјалните мрежи се шират нови повици за бојкот на маркетите и овој петок. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од купување, а акцијата е наречена „Црн петок“ за маркетите. Во исто време, кружи и повик за специфичен бојкот на „Тинекс“ и „Веро“, при што граѓаните се охрабруваат да не купуваат во продавниците на овие трговски ланци. Минатонеделниот бојкот поради високите цени покажа сериозен ефект – според УЈП, на 31 јануари 2025 година, прометот во осумте најголеми ланци на маркети бил речиси преполовен – паднал за 46,59% во споредба со претходниот петок. Дел од граѓаните, сепак, своите набавки ги направиле следниот ден – во саботата прометот во тие осум за 11,3% во саботата.
Првиот бојкот, организиран од граѓаните, се одвиваше под слоганот „Попусто попусти кога цените се исти“ и доби широка поддршка од јавноста, политичките партии и Владата. Синдикалниот лидер Слободан Трендафилов минатата недела ги повика граѓаните да избегнат „двојно или тројно трошење во четврток и сабота“ за да спречат трговците да ги надоместат загубите. Оваа иницијатива потекна од Хрватска, каде граѓаните со масовен бојкот оставија празни каси во маркетите. Таму сега е во тек и седумдневен бојкот на одредени трговски синџири поради високите цени во споредба со останатите земји од ЕУ. Акцијата во меѓувреме се прошири во повеќето земји од регионот.