Збогум Тео!
(Теофил Панчиќ 1965-2025)
Теофил е 13 години помлад од мене. Тој сигурно порани со смртта (60), а јас за себе не знам дали, можеби, доцнам. Особено затоа што тој во најлошите можни времиња ме остава без инспирацијата на своето дело, на моралната и интелектуална вертикала, на феноменалната, остра, а мека, многу човечка стилистика и позиција на посматрање на стварноста која беше супериорна, но не како некаков Еверест, туку повеќе како благите, фрушкогорски, би рекол, брегови на својата топла и богата, ненадмината конституција.
Од мојата школа живи се само уште Виктор Иванчиќ и Дежуловиќ. Заминаа Куљиш, пред него Тирнаниќ и Тијаниќ. На некои од нив им доделив жолти картони по моралност и конзистентност, но засекогаш останаа мои ориентири во композицијата и стилистиката. Тео, Виктор и Борис, се на листата како комплетни автори по сите критериуми и категории.
Панчиќ беше ширум отворен прозорец низ кој Србија, заробена во национализам, можеше да го види светот на слободата и за себе.
Нормалноста ја издигна на ниво на спасителен критериум.
Неговата критика убиваше нежно.
Многу видни и почитувани луѓе, кои одолеаја на простачките критериуми на времето, заминаа, но не се сеќавам дека сум се чувствувал вака потресено и со некаква тапа жалост, како на веста за смртта на Теофил Панчиќ.
Во моментот кога Србија се буди.
Верувам и како одглас на неговите долгогодишни заложби.
Збогум Тео!
Ти посакувам некое поубаво место.
Што, ќе се согласиш, не е некоја нескромна или тешко остварлива желба.