Целиот регион деновиве е фокусиран на протестите во Србија, а хрватски новинар кој беше на блокадата во Нови Сад напиша текст кој за многумина ја разјаснува ситуацијата. На социјалните мрежи се споделува текстот што го напиша Томислав Кукец, новинар од Хрватска, сумирајќи го неговото доживување од четиридневниот престој меѓу студентите во Белград и Нови Сад.
Еве го целиот текст на истражувачкиот новинар-фриленсер од Загреб, Кукец:
„Во Србија сум четири дена, прво во Белград, а сега во Нови Сад. Разговарав со десетици луѓе, слушнав секакви судбини, животни приказни, доволно за да напишам книга. И, искрено, првпат во новинарската кариера не знам што да напишам. Ова што вечерва се случува во Нови Сад е нешто сосема надреално, нешто што ниту една статија или телевизиска репортажа не може да го опише, еден од оние моменти во историјата кога молчите и гледате, чувствувате. Стигнав во заблуда дека Србите го уриваат режимот на Александар Вучиќ и дека како новинар ќе известувам за падот на диктатурата. Попатно сфатив дека тоа е само дамка, зрно од приказната за бунтот во Србија.
Младите овде воопшто не го доживуваат Вучиќ. Тој им е неважен (а тоа најмногу го боли). Нив воопшто не ги интересира кој ќе биде претседател на Србија. Може да биде, ми вели еден студент, и Пинк Пантер. Важно е институциите да работат. Да се почитуваат законите. Дека кривичното дело води во затвор, а не на висока функција. Дека луѓето со различно мислење не се газат по улиците на градовите. Важно е секој да биде одговорен за својата работа, за своите зборови, за секој свој потег. Србите се бунтуваат против системот. Против беззаконието, против криминалот. Ова не е политичка борба, најдобар доказ за тоа е дека студентите немаат лидер, немаат политички став и воопшто не ги интересира ниту позицијата, ниту опозицијата.
Не се леви, не се десни, што се?! Па, тоа е она што најмногу ги плаши и оние политичари кои се на власт и оние кои би сакале да дојдат на власт. Затоа што гледаат дека овие деца се паметни, артикулирани, начитани и пред се похрабри и посилни отколку што мислеше некој. Во одреден момент ова ќе мора да се тргне од улиците и да се реши институционално. Но, како? Како можете да го направите тоа кога улицата никому не верува. Улицата бара лустрација (ми фали подобар збор), катарза, чистење од калта што се наталожи не само во деценијата на Вучиќ, туку и во оние пред неа. Студенти, средношколци, млади… Не бараат Вучиќ да си замине, иако тоа е очигледно. Тие бараат радикални промени, можеби дури и утопија, апсолутна демократија, понекогаш дури и анархија. Тие бараат нов, подобар свет, без национализам, без нечесност, без насилство.
Дали се наивни за тоа? Се разбира, тие се деца, со големи срца, деца кои навистина ја сакаат својата земја и посакуваат добро. Дали поради нив светот преку ноќ ќе стане подобар? Секако дека не. Но, ако нивната порака допре до секој десетти човек во Србија, во Хрватска, каде било на планетата, тие направиле повеќе од сите политичари во овој регион заедно за триесет, четириесет, па и педесет години… И затоа старите плачат кога ќе ги видат на улица. Плачат затоа што гледаат дека надежта не е изгубена, плачат затоа што крвавите стапала на студентите ги потсетија на силата што некогаш ја имале самите. Тие плачат затоа што не плачеле со години, заробени во безнадежност и апатија и мислат дека така мора да биде и дека не можеме ништо да направиме за тоа“, пишува хрватскиот новинар.