Ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп за брзо завршување на руско-украинската војна доби нов пресврт кога неговиот пратеник рече дека администрацијата би сакала Украина да одржи избори, потенцијално оваа година, а особено ако се договори прекин на огнот. Изјавата на специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина, Кит Келог изнесе на преден план горливо, чувствително прашање во украинската политика, бидејќи се зголемуваат напорите на САД да иницираат мировни преговори, а Кремљ се обидува да го дискредитира украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдејќи дека нема легитимитет. Во интервју за Ројтерс, Келог рече дека изборите во Украина „мора да се одржат“ и може да се одржат по договорот за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, кој според него може да се постигне во рок од неколку месеци. „Повеќето демократски земји одржуваат избори за време на војна. Мислам дека е важно тие да го направат тоа“, изјави Келог за Ројтерс. „Мислам дека тоа е добро за демократијата. Тоа е убавината на силната демократија, имате повеќе луѓе кои можат да се кандидираат“, вели специјалниот пратеник на Трамп.
Трамп, кој за време на минатогодишната предизборна кампања вети дека ќе стави крај на војната уште пред неговата инаугурација доколку биде избран, не беше јасен за тоа како се надева дека ќе го стори тоа. Тој, сепак, беше уверлив во ветувањето дека нема да бира средства ниту кон Киев и ниту кон Москва за да ги доведе на преговарачка маса. Путин постојано повторуваше дека Москва е отворена за разговори, но многу експерти се сомневаат дека тој нема да дејствува со добра волја и дека би ги искористил преговорите за да го проектира имиџот на кооперативен играч, истовремено купувајќи време за дополнително подобрување на позицијата на Русија на теренот во Украина, каде што има придобивки со месеци, иако со огромна цена за човечки животи. „Ако Путин успее да го пролонгира барањето и притисокот на американската администрација на уште неколку месеци, тогаш ќе може да оствари повеќе придобивки на бојното поле“, сметаат светските аналитичари. Путин постојано изјавува дека Зеленски нема да има овластување да потпише мировен договор, тврдејќи дека нема легитимитет бидејќи неговиот петгодишен мандат истече во мај 2024 година.
Уставот на Украина, сепак, забранува одржување избори за време на вонредна состојба, која Зеленски ја воведе кога Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година и која, поради траењето на инвазијата, ја продолжи до ден-денес по повеќекратното продолжување. Сепак, во Украина политичарите дебатираат за придобивките од одржувањето на претседателските избори уште од 2023 година, кога разговорот беше под влијание на западниот притисок и руската пропаганда. Неколкумина републикански сенатори во минаттото го повикуваа Зеленски да ги одржи изборите како што е предвидено, додека републиканската опозиција во Конгресот се противеше за давање дополнителна помош за Украина што предизвика повеќемесечна блокада што ја загрози позицијата на Киев на бојното поле, каде што украинската армија во голема мера се потпира на оружје од Соединетите Држави. Во тоа време, многу Украинци, вклучително и опозициски лидери и граѓански организации, се изјаснија против одржување избори за време на војната, предупредувајќи дека тоа ќе го подели општеството во критичен момент од историјата на Украина. Тие, исто така, рекоа дека тоа ќе ги доведе во опасност животите на луѓето, укажувајќи на постојаното руско гранатирање на цивилни локации. Украина се соочува со многу други прашања ако се обиде да одржи избори за време на војната или дури веднаш по прекинот на огнот. Повеќе од шест милиони избегаа во странство, речиси четири милиони се внатрешно раселени, а околу еден милион служат во вооружените сили, што им го отежнува гласањето. Заедно тие претставуваат околу една четвртина од населението на Украина. Аргументите за неодржување на избори на Зеленски се познати: „Има сериозни предизвици, но и суштински човечки работи… Како можат (војниците) да гласаат од ровови? Како ќе гласаат луѓето на окупираните територии? Милиони луѓе? Како? Не ни е повеќе важно што мислат и кого сакаат да изберат“, рече Зеленски, кој ги спомна и Украинците „кои беа принудени да избегаат во странство поради оваа војна“, изјавил Зеленски. Зеленски синоќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема официјален план за ставање крај на руската војна против Украина и додаде дека е подготвен за разговори со рускиот претседател Владимир Путин откако ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми. Тој оцени дека доколку планот на Трамп е само прекин на огнот и избори, тогаш тој план е неуспешен. Целата анализа во видеото погоре во текстот