„Лоша состојба е благо да се рече – затекнавме девастирана состојба, како во возниот парк, како во комерцијалниот дел, расположението кај вработените, кои немаше кој да ги насочи“, вели директорот на Македонски Железници – Транспорт, Дејан Кошутиќ, коментирајќи ја состојбата на фирмата која ја затекнал кога беше поставен на функцијата. Тој во вечершното интервју во „Топ тема“ на „Телма“ рече дека состојбата во претпријатието оттогаш е видно изменета.
„Благодарен сум на сите вработени во Македонски железници, од менаџментот, техничките служби, извршниот персонал. Морам, пред сè, да ги издвојам од делот Одржување, затоа што во изминатите месеци направија нешто што буквално беше на граница меѓу теорија и хипотетика. Работнилницата не личеше на ништо. Делови, алати нема, меѓутоа се мобилизираа веднаш кога почувствуваа дека ние, буквално фронтално ќе одиме во ресетирање на работата на Македонски железници – Транспорт. Работилницата проработе. Начекавме четири локомотиви, кинески, кои се релативно нови, од пред шест-седум години и она што го видов беше жалосно за гледање. Кренати на канал, без сменети тркала, без алат. Колегите од Одржување сами го направија алатот за да се сменат тркалата, затоа изгубивме два месеца“, вели Кошутиќ.
Тој додаде дека благодарение на тоа, сега компанијата има три оперативни локомотиви, а од април и четвртата ќе биде вратена во операција.