Кинескиот претседател Си Џинпинг ја прифати поканата на Русија да присуствува на комеморацијата на советската победа над нацистичка Германија во Втората светска војна, објави денеска руската државна новинска агенција ТАСС.
– Кинескиот претседател Си Џинпинг ја прифати поканата да учествува на прославата на 9 мај во Москва по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна – изјави рускиот амбасадор во Кина, Игор Моргулов за руската државна телевизија – пренесува ТАСС. Кремљ во декември соопшти дека поканил „бројни земји“ да присуствуваат на 80-годишнината од крајот на војната, која Русите ја нарекуваат „Голема патриотска војна“. Советскиот Сојуз изгуби 27 милиони луѓе во Втората светска војна, но на крајот ги турна нацистичките сили назад во Берлин, каде што Адолф Хитлер се самоуби и црвеното советско знаме на победата беше подигнато над Рајхстагот во 1945 година.
Безусловната капитулација на нацистичка Германија стапи на сила во 23:01 часот на 8 мај 1945 година, означен како „Ден на победата во Европа“ од страна на Франција, Велика Британија и САД. Во Москва 9 мај, кој стана „Ден на победата“ на Советскиот Сојуз, во она што Русите го нарекуваат Големата патриотска војна од 1941-45 година. Денот на победата стана најважниот празник во Русија. Моргулов рече дека Си за возврат го поканил рускиот претседател Владимир Путин во Кина за да го одбележи крајот на Втората светска војна во таа земја, што е планирано за септември, пренесува Ројтерс.