Пекинг ги објави контрамерките пред пет дена, само неколку минути откако стапија на сила американските царини од 10 отсто за сите кинески производи. Во петокот Трамп објави планови за „реципрочни царини“ и за други земји, без да прецизира кои земји ќе бидат погодени, но нагласи дека мерките би можеле да бидат широко применети. Почнувајќи од денеска, Кина ќе наплаќа царина од 15 отсто за увоз на американски јаглен и течен природен гас. Исто така, десет отсто царина ќе биде воведена за американската сурова нафта, земјоделските машини и автомобилите со големи мотори.
Минатата недела кинеските власти започнаа антимонополска истрага против технолошкиот гигант Google, додека американската компанија PVH, сопственик на дизајнерските брендови Calvin Klein и Tommy Hilfiger, беше додадена на листата на „недоверливи субјекти“ во Кина. Кина, исто така, воведе контрола на извозот на 25 ретки метали, од кои некои се клучни за производство на електронски производи и воена опрема. Трамп се закани со нови царини за увоз од други земји, кои ќе ги објави оваа недела, а се поврзани со реципроцитет во трговијата. Мерката ќе го исполни неговото предизборно ветување за воведување тарифи за производи од други земји со иста стапка што се однесува на американските производи. Трамп рече дека можноста за воведување тарифи за возила останува отворена откако беше објавено дека се разгледуваат ослободувања од универзалните тарифи. Тој постојано зборуваше за тоа дека царините на ЕУ за увоз на американски автомобили се значително повисоки од американските тарифи за европските.