Тренерот на Манчестер Сити, Жузеп Гуардиола, ја презеде одговорноста за поразот од Реал Мадрид (2:3) во првиот натпревар од плеј-офот за влез во осминафиналето на Лигата на шампионите. Каталонецот призна дека Сити направил многу грешки, но и дека сѐ уште верува во пласман во следната фаза од натпреварувањето.
„Се случувало многу пати. А, ако нешто често се случува, тоа значи дека не наоѓаме решение. Ова беше првата година кога Реал беше подобар. Тие беа подобри со топката, ние бевме малку нервозни. Тоа се работи што често се случуваа во текот на годината. Ќе се обидеме да ја свртиме ситуацијата, ментално е тешко. Имаме тешки натпревари и патувањето во Мадрид. Поразот е за сите нас, не само за играчите. Не обвинувам само еден, тоа е смешно. Тоа е вистината. Имаат волја, се трудат, но не сме стабилни. Очекував ваков Реал. Секогаш се закануваат длабоко, со четворица напред. Немам на што да се жалам, знаеме против кого игравме“, рече Пеп. Тој особено го спомена голот кој ја промени играта постигнат во 92. минута.
„Тешко е да се справиме со тоа, но вистината е дека тоа често ни се случува. Кога водите со 2:1, не знаете дали да напаѓате или да се браните. Тоа е нормално. Играчите носеа одлуки во моментот и понекогаш успеваа, понекогаш не. Ќе се обидеме да се подобриме во следните натпревари. Реал играше многу добро, имаше свои шанси. Можевме да победиме, но не успеавме да го одржиме резултатот. Овде сум многу години и бевме извонреден тим, но во моментов не можам да се справам со ситуацијата“, додаде каталонскиот стратег. Ги коментираше и провокациите на навивачите на Сити кон Винисиус, велејќи дека тоа можеби го мотивирало Бразилецот, за кого смета дека е неверојатен играч.