Вчера претпладне, се случил инцидент во близина на дива депонија во скопската населба Шуто Оризари, помеѓу градоначалникот Курто Дудуш и инспектор во Град Скопје, соопшти полицијата. И двајцата потоа пријавиле дека добиле закани.
„На 11.02.2025, околу 10:30 часот, инспектор во град Скопје, З.Г., пријавил во СВР Скопје дека при вршење на службени дејствија во близина на дива депонија на ул. 2бб, бил навредуван и закануван од К.Д., градоначалник на Шуто Оризари. Според информациите, К.Д. не само што ги навредувал инспекторите, туку и ги попречувал во земањето на мостри, што го довело до пријавување на инцидентот. По неколку часови, околу 13:10 часот, исто така на 11.02.2025, К.Д. пријавил дека за време на инспекциски надзор на отпад на неговиот имот во Шуто Оризари, вработен во град Скопје, Ф.С., му упатил закани“, пишува во полицискиот билтен.