Во изминатите 7-8 години сведоци сме на неаргументирано и агресивно, антиградежно однесување на госпоѓа Невена Георгиевска. Таа во континуитет е против секаква легална градба: станбени згради, индивидуални куќи, доградби и надградби на индивидуални куќи, деловни објекти, а најнов нејзин бисер е гласање против изградба на болница за ин-витро оплодување.
Стручните служби и општина Карпош се зачудени од досега невиденото деструктивно однесување, несвојствено во целата историја на општината Карпош, да се гласа против изградба на болница каде ќе се врши ин-витро оплодување, иако знае дека овој медицински зафат не се врши во државните клиники туку кај приватните концесионери.
Ваквата деструкција не би не зачудувала доколку таа дава личен пример, напротив, таа има изградено доградба од 41 метар квадратни на 9 кат во Карпош 4 на булевар Партизански одреди. Се поставува прашање, дали госпоѓа Невена плати за земјиштето на кое што изгради или пак воздухот на 9 кат за кој таа толку се бори е бесплатен? Како госпоѓата советничка изградила во 2007 година скоро цел стан од 41 метар квадратен иако во тој дел на Карпош ниту тогаш, ниту сега има детален урбанистички план? Како да го толкуваме овој чин, да изградиш објект каде не постои детален урбанистички план, а во исто време да си најголем противник и да оспоруваш градби на луѓе кои имаат сопствено земјиште, кое е скапо платено или го имаат во наследство од своите предци? Дури и да не можат да доградат и да надградат!
Да бидеш главен иницијатор за рушење на урбанистичките планови пред Уставниот суд и со тоа да се гордееш, а за себе да изградиш стан кој денес вреди 100.000 евра без постоење на ДУП. За жал, уште еднаш се повторува практиката дека дел од луѓето што наводно ја застапуваат флоскулата „јавен интерес“, функционираат по системот „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“. Очигледно госпоѓата Горгиевска како советник во општина Карпош треба граѓаните само да ја слушаат што зборува, а не и да гледаат што прави. Ова само говори дека во еден човек имаме две личности. Една за во јавност, а друга за дома.