Министерот за односи меѓу заедниците и вицепремиерот, Иван Стоилковиќ, одговарајќи на пратеничко прашање на членот на Европскиот фронт, Салих Мурати, оцени дека се обидува да прави политика со Светосавската академија и одбележувањето на Денот на српската заедница во Македонија. Стоилковиќ изјави дека Додик учествувал на оваа академија во изминатите десет години и бил примен на средби од претходни високи државни претставници. Од собраниската говорница, тој го праша пратеникот „зошто тогаш доаѓањето на Додик во Македонија не било проблем, а сега е проблем“.
Додик во своето обраќање на одржаната академија го пофали рускиот претседател Владимир Путин, рече дека „Србите денес на Балканот имаат две држави – Србија и Република Српска“, а потоа и дека „лажеле“ оние кои го прогласиле геноцидот во Сребреница. Зборувајќи за војната во БиХ, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат дека српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население. Додик беше во Скопје како дел од чествувањето на празникот Свети Сава и присуствуваше на Светосавската академија одржана во МНТ, заедно со патријархот на СПЦ, Порфириј, поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, спикерот на црногорскиот парламент, Мандиќ, како и неколку министри од српската Влада. Присуствуваа и премиерот Мицкоски, лидерот на СДСМ Филипче, како и рускиот амбасадор Баздникин.