Колку и да сме сконцетрирани на претстојната завршница од Купот на Македонија, каде што сме подготвени да го дадеме последниот атом енергија за да дојдеме до 13-тиот трофеј во ова натпреварување, не можеме да ја премолчиме злоупотребата на МЗТ Скопје Аеродром во политички цели во момент и кој не е случајно избран. СДС денеска излезе со политички памфлет без никакви аргументи и само со конфузни прашања, во кој го споменува нашиот клуб, нешто што веруваме дека е со цел да внесе немир во нашите редови пред вечерашната четвртфинална пресметка со Работнички. Тоа не само што нема да се случи, туку нивните ниски удари ќе ни дадат дополнителен мотив да одиграме најдобро што знаеме за да победиме на спортското поле, кое е единствено на кои ние како клуб се натпреваруваме.
Нивниот т.н. напад дека општина Аеродром наместо 24 милиони денари од нивно време сега за МЗТ дава двојно помала сума ја сфаќаме како пофалба на нашата работа изминативе години откако тие не се на власт. Намалувањето на средствата е поради фактот што сегашното раководство работи многу подобро на терен и обезбедува многу повеќе спонзорски договори од приватни компании. Ваквата работа треба да биде пофалена, а не нападната, секако ако тоа се прави со чесни намери, а не од ситни политички побуди. СДС мора да знае дека вкупниот буџет на МЗТ е ист како и во годините претходно, дури и поголем од нивно време, но наша интенција е да бидеме што повеќе самоодржливи и да функционираме со средства кои самите ќе ги обезбедиме со макотрпна работа на терен, а не само да се чекаат парите од граѓаните, нешто што тие го правеа додека беа на власт во општината, а со тоа и во МЗТ.
Тука несомнено е и поддршката од Министерството за спорт, кои наместо „ваучери“, даваат директна финансиска помош во спортските клубови, која помош се зголемува од година во година. Заврши времето кога општина Аеродром трошеше ијладници евра народни пари на ветар и магла. За потсетување, еден кубик даски во нивно време чинеше повеќе од 10.000 евра. Таквото расипништво ги однесе во опозиција, а судејќи по изјавите, сеуште не ги научиле грешките. Спортот е динамичен и интересен токму поради изненадувачките резултати, но тоа не значи испаѓање ниту, пак, крај на амбициите за играње со најдобрите во регионот и во елитните натпреварувања на ФИБА. Само спортски лаик може така едноставно да ги презентира работите, само за да мисли дека му е издржан политичкиот памфлет.
МЗТ ниту е понижен, ниту неговите навивачи се прелажани. Играчите сѐ уште го оставаат срцето на паркет на секој натпревар, но за да го видите тоа треба да дојдете во сала, а не да се криете по штабови и да смислувате како да ѝ наштетите на „Гордоста на Аеродром“. На МЗТ дефинитивно му треба обединување на сите политички, партиски и останати субјекти. Еве ви уште денеска шанса за такво нешто. Наместо да читате празни памфлети исполнети со лаги и полувистини, дојдете во Гевгелија и помогнете им на нашите момци да го победат Работнички. Така ќе покажете дека навистина го сакате клубот, а не дека само бркате политички поени на него.