Првиот вицепремиер Изет Меџити, запрашан за реакциите околу предлогот за нови имиња на улиците во Тетово, изјави дека некои работи и не треба да се преведат, наведувајќи се на примерот „Конгреси и Манастири“ кој беше оспорен од Сојузот на борци од Тетово
Меџити нагласи дека Тетово е град со огромно албанско мнозинство, но, според него, 99% од имињата на улиците, училиштата и јавните институции се поврзани со македонската историја.
„Што има лошо во тоа во еден град со мнозинство Албанци да има улици и институции именувани по албански личности и настани?“ изјави првиот вицепремиер. Изет Меџити потенцираше дека градоначалникот на Тетово, Билал Касами, не барал да се поставуваат имиња со албанска историја во Струмица или Гевгелија, туку во град каде Албанците се доминантно население. „Ние сме дел од Македонија. Од целиот свет има имиња на улици, но се оспоруваат дел од албанските предлози. Позастапени се датуми од Русија и Украина отколку од албанската историја во Македонија.“
Тој дополни со своето искуство: „Јас живеев на улица ‘7-ми Јули’, што е ден на српското востание. На таа улица немаше ниту еден Србин. Значи, може да има имиња од српската и руската историја, градови од Украина и целиот свет, но не може да има имиња од албанската историја?
Вицепремиерот Меџити нагласи дека стотина улици низ Македонија носат имиња поврзани со Народноослободителната борба, што, според него, не значи дека не треба да има и улици со албански називи, кои ќе ја одразуваат мултиетничката реалност на државата.