Денес во Минхен, претседателот на Владата Христијан Мицкоски оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. На средбата се разговараше за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата конечно да се отворат вратите на ЕУ. Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу. „На тој план Македонија направи многу и Европската Унија мора да покаже подготвеност тоа да го вреднува на вистинскиот начин, а тоа е преку динамизирање на процесот на преговори со Европската Унија“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека Владата е силно посветена на судските реформи, испорачување на правдата и борба против организираниот криминал за што е потребна поддршка и мобилизација на сите општествени чинители. Мицкоски посочи дека првенствена цел е борба за стандардот на граѓаните и подобар живот, што ќе се постигне преку иновации, инвестиции и силно образование. Инаку средбата се одржува на маргините на Михенската безбедносна конференција каде се собираат политички лидери од светот и каде ќе се дискутира за важни европски и светски предизвици. Свое обраќање ќе има и македонскиот премиер.