На целиот потег од Карпош 1 до поликлиника „Букурешт“ покрај булеварот Партизански Одреди нема ниту една корпа за ситни отпадоци. Па така, граѓаните кои се движат по патеката покрај булеварот доколку користат хартиени марамчиња или седнат на клупа со намера да одморат, да се освежат или да „грицнат“ нешто, опаковките од пијалокот, хартијата од храната или опушоците од цигари ќе мора да си ги понесат со себе во потрага по најблиската корпа.
Првата ќе ја најдат дури кај поликлиниката, а следната кај ТЦ „Лептокарија“, каде пак можат да се забележат и празни држачи каде некогаш имало закачено корпи. Иста е ситуацијата и на автобуската постојка кај хотел „Карпош“ каде граѓаните ситното ѓубре ќе мора да си го стават во џеб или во чанта и со автобус да си го однесат до дома. Од другата страна на булеварот состојбата е малку подобра, па на овој потег можат да се најдат две-три корпи во не баш добра кондиција.