Самохраните родители, пензионерите со најниски примања и лицата со инвалидитет ќе добијат бесплатни канти за отпад од комуналното претпријатие во Штип. Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, денеска изјави дека согласно одлуката на претпријатието, кантите кои ги добиле од општината ќе им бидат доделени на овие групи граѓани. -Од страна на Општина Штип ни се доделени 1.216 канти за домаќинства. Сега во постапка на нашиот Управен одбор и таму имаме предлог таквите садови за одлагање на комунален отпад да бидат доделени на пензионери кои имаат најмали примања, на членови на здруженијата на инвалиди и на самохрани родители, вели Арсовски. Тој посочи дека поставените контејнери за селекција на отпад не го даваат посакуваниот резултат. Арсовски посочува дека уште треба да се работи на свеста кај граѓаните, со цел отпадот да се селектира и на тој начин да завршува во контејнерите.
Во спротивно се соочуваат со проблеми, односно чести дефекти на возилата за собирање на смет. -Поради тоа имаме чести дефекти на возилата, затоа што многу често во садови за комунален отпад нашите работници наоѓаат градежен шут и некои други типови на отпад кои не соодвестуваат и не можат нашите возила да ги примаат и да ги одложат, изјави Арсовски. ЈП „Исар“ и понатаму продолжува со веќе започнатите активности и проекти за бесплатно собирање и одлагање на градежниот и кабаст отпад. Задача на граѓаните е само да пријават во кол центарот на претпријатието и да добијат бесплатна услуга. -ЈП „Исар“ секоја сабота има задолжени екипи со специјални возила кои го одлагаат градежниот и кабастиот отпат. Истото функционира на база на претходно поднесена пријава во нашиот кол-центар и нашите екипи секоја сабота излегуваат и морам да напоменам дека бесплатно го собираат и одлагаат кабастиот отпад по барање на граѓаните, рече Арсовски.