Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека надлежните структури на Русија и Србија водат разговори за решавање на прашањата поврзани со американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС), информираа дел од српските медиуми.
„Има проблем со американските санкции против НИС. Во тек се преговори за изнаоѓање решение, тие се водат преку надлежните структури“, рече Захарова на брифинг. САД во јануари воведоа санкции за НИС и бараат целосно повлекување на руските структури од сопственоста на српската компанија, пренесува РИА Новости. Руски Гаспром и Гаспром Нефт се мнозински сопственици на НИС со удел од 56,15 отсто, додека втор најголем акционер е државата Србија со удел од 29,87 отсто.