Американската Армија денес соопшти дека повеќе нема да им дозволува на трансродовите лица да се пријавуваат во војската или да добиваат медицински процедури поврзани со процесот на нивна родова транзиција, по извршната наредба потпишана од претседателот Доналд Трамп.
„Армијата на САД повеќе нема да дозволува трансродовите лица да се приклучуваат во војската и ќе престане да врши или олеснува процедури поврзани со родовата транзиција за припадниците на војската“, објави Американската војска во серија објави на платформата „Икс“. Минатиот месец Трамп потпиша серија извршни наредби за промени во војската, вклучително и забрана за трансродовите лица отворено да служат во војската. Трамп рече дека наредбата ќе осигура дека САД ја имаат „најсмртоносната борбена сила во светот“ со тоа што ќе ја „истераме по ѓаволите трансродовата идеологија надвор од нашата војска“.
Наредбата вели дека „лажниот ‘родов идентитет’“ кој се разликува од полот на поединецот не може да ги задоволи ригорозните стандарди неопходни за воена служба“. Забраната, според Трамп, „ќе осигура крај на употребата на заменките измислени и засновани на идентификација“. Наредбата му дава на американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, 60 дена да ја спроведе новата политика за родовиот идентитет.