Ако лани јагнето се продаваше за 300 денари килограм жива мера, годинава таа цена е урната за една третина, се жалат сточарите Два месеца нема откуп на јагниња во државата, а одгледувачите на овци се загрижени не само за откупот, туку и за цената. Револтирано велат дека кланичарите ги уценуваат да го дадат јагнето за 200 денари кило. Ако лани јагнето се продаваше за 300 денари килограм жива мера, годинава таа цена е намалена за една третина, а револтот е дотолку поголем, бидејќи поскапува сè, само откупот на јагнето во кланиците поевтинува, објави Независен.
– Јагнето не е ни тутун ни жито да се чува по амбарите, тоа е жива стока и расте – категоричен е сточарот Аце Милевски, од пелагониското село Гнеотино во разговор со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој, пак, засега не понуди решение на проблемот, туку кажа дека ќе разговара со кланичарите.
– Два месеца нема откуп на јагнето, од 15 декември до денеска. Има многу јагниња што се стасани за откуп. Кому да му го дадеме јагнето кога нè уценуваат кланичарите со цената. Ако го продадеме јагнето на приватни откупувачи е 300 денари кило жива мера, а кланичарите ни даваат 200 до 220 денари за килограм. Уште лани баравме да се укине мерката половина од јагнињата да мора да ги предадеме задолжително кај кланичарите – се пожали Милевски.
До лани овчарите земаа по 1.000 денари за кланично јагне, сега таа мерка се укинува, а се дава поддршка за грло овца (корисниците во 2025 година треба да имаат предадени или заклани јагниња во регистриран кланичен капацитет најмалку 50 отсто од бројот на декларираните грла овци, а висината на директните плаќања изнесува 3.000 денари по грло). Оваа ситуација според сточарот е уште поголема подлога за „кланичарите да ги уценуваат овчарите“.