Синоќа околу 20 часот избувна пожар во стан од зграда на улица Бриселска, позната меѓу карпошани како „7-та руска зграда“, во населбата Тафталиџе 2. Од огнот целосно се опожарени станот и покуќнината, но за среќа нема жртви и повредени.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски заедно со членови од одделението за Заштита и спасување на општината, бил присутен на лице место и веднаш по гасењето на пожарот, ги задолжил службите на Општина Карпош да дојдат во текот на денешниот ден, за да го расчистат станот од изгорената покуќнина.
Јакимовски исто така кажа дека тој и Општина Карпош ќе помогнат на трочленото семејство како со човечки капацитети, така и финансиски, бидејќи станува збор за самохран родител, татко со двајца синови тинејџери. Градоначалникот Стевчо Јакимовски упатува апел и до сите други граѓани, институции и добри луѓе, да му помогнат на ова семејство, за да им се врати достоинството во нивните животи.