Министерот за здравство Арбен Таравари најави можно спојување на четирите партии од коалицијата „Вреди“ во една партија после локалните избори во октомври годинава. Во неделното интервју за Радио слободна Европа (РСЕ) тој вели дека до локалните избори сигурно нема да има спојување на „Вреди“, но: „После локалните избори веќе сме размислувале и сме зборувале за тоа, можеби и може да се случи евентуално спојување на сите четири партии во една партија.“
За кандидати на „Вреди“ на локалните избори, Таравари вели дека се зборува и се прават анкети за некои имиња. „Во повеќето општини, каде што мнозинство, односно има шанси и Албанците да победат, повеќе се Албанци, размислуваме за потенцијални кандидати. Меѓутоа, се надевам, кон крајот на март, ќе излеземе и со предлози кои би биле нашите кандидати во одредени општини за идни градоначалници“, вели тој.