Само на последните избори во минатата година политичките партии потрошиле околу 10 милиони евра за рекламирање по медиумите, објави лани есента ДКСК, претставувајќи го извештајот за тоа како се трошеле партиските пари. Беа најавени од ДИК околу 10,6 милиони евра, а оправдувањето беше дека станува збор за двојни избори, претседателски и парламентарни. И бројот на медиуми што се пријавиле беше рекорден, 339, од што дури 249 се портали. Имајќи предвид дека сумите за рекламирање на социјалните мрежи се далеку под оние за медиумите, било за политичко рекламирање на сметка на државата било за избори, било за рекламирање на Владата или на општините (што се заедно значи повеќе милиони евра годишно), станува јасно дека правењето проблем од рекламирање по социјалните мрежи е спин. Спинот е насочен да се сврти вниманието од милионските суми што се трошат по медиуми легално, а кои се значителен ризик за корупција и според ДКСК и според ЕУ и според граѓанските организации, пренесува Вистиномер. Пишува: Теофил Блажевски. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ започна, а возврати и опозициската СДСМ со комуникациски ставови во кои може да се препознае спин. Спин: Додека ја крадеа државата СДС, Заев и Ковачевски потрошиле и 280 илјади евра за фејсбук реклами…. [Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб: датум – 10.02.2025]. Спин: Додека граѓаните едвај преживуваат во услови на енормни поскапувања, додека нема пари за поголеми плати и додека нема лекови, Мицкоски троши илјадници евра на Фејсбук за лајкови… [Извор: СДСМ – Соопштение/веб: датум – 10.02.2025]
Контраспин: Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ во понеделникот (10.02.) започнаа политичка војна за тоа колку челните луѓе на овие партии трошеле за реклами на Фејсбук за добивање на што повеќе лајкови преку што поголема достапност на нивните објави на оваа социјална мрежа. Сепак, иако парите не се мали, станува збор за дефокус од главниот проблем на трошењето на пари од буџетот за политички кампањи било на партиите било на Владата или општините. Само на последните избори во минатата година политичките партии потрошиле околу 10 милиони евра за рекламирање по медиумите, објави лани есента ДКСК, претставувајќи го извештајот за тоа како се трошеле партиските пари. Беа најавени од ДИК околу 10,6 милиони евра, а оправдувањето беше дека станува збор за двојни избори, претседателски и парламентарни. И бројот на медиуми што се пријавиле беше рекорден, 339, од што дури 249 се портали. Истражувањето на Мета.мк од октомври лани покажа дека над 811 илјади евра од овој колач биле потрошени на рекламирање во онлајн медиумите само за парламентарните избори. Инаку кога ДКСК го претставуваше својот извештај беше напоменато дека „комплетно изостанува контрола во начинот на кој се давани парите во електронските медиуми“.
Овие бројки се зголемуваат откако во 2018 година беше направена уште една измена на изборниот законик со која целосното рекламирање на партиите оди на сметка на државата, со некој лимит од 110 денари по запишан гласач во секоја изборна единица. Според анализата на БИРН од 2020 година, по оваа измена растат и парите што се одлеваат во медиумите во изборните кампањи. Во 2016 година партиите потрошиле 2, 5 милиони евра, а во 2019 на претседателските избори 3,6 милиони евра, иако се натпреварувале само тројца кандидати. Според истиот извор, вонредните парламентарни избори во 2020 година им донеле на медиумите 3,2 милиони евра државни пари, а за медиумско претставување за локалните избори во 2021 година, партиите потрошиле дури 5,1 милиони евра. Од почетокот на 2024 година е сменет и Законот за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, со што беше вратена можноста Владата и локалните самоуправи да трошат пари за рекламирање во медиуми. Во овој закон во 2018 година беше забрането државно рекламирање токму поради големите суми што ги трошела претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, околу 37 милиони евра. Со враќањето на можноста законски да се троши за државно рекламирање, при што може да се потрошат 0,1 отсто од остварените буџетски приходи во претходната година, значи дека дополнителни неколку милиони евра ќе се слеат во медиумите само на ниво на Влада. Зашто буџетите растат од година во година. Лани проектираниот беше 5, 5 милијарди евра, годинешниот 6,5 милијарди евра. Покрај ова извесни суми ќе се слеат и од локалната самоуправа. Имајќи предвид дека избори во земјата сосе евентуални вонредни се можни практично секоја година и имајќи предвид дека е дозволено и државното рекламирање, политичките партии и Владата секоја година во медиумите може да насочат повеќе милиони евра. Владата и нешто повеќе, затоа што кога се менуваш членот 102, тогашната влада на Зоран Заев рече ќе си го задржи правото да се рекламира на социјалните мрежи. Ниту таа влада соопшти колку пари троши на социјалните мрежи, ниту пак, сегашната на Христијан Мицкоски. Сепак, имајќи предвид дека сумите за рекламирање на социјалните мрежи се далеку под оние за медиумите, било за политичко рекламирање на сметка на државата било за избори, било за рекламирање на Владата или на општините (што сè заедно значи повеќе милиони евра годишно), станува јасно дека правењето проблем од рекламирање по социјалните мрежи е спин. Спинот е насочен да се сврти вниманието од милионските суми што се трошат по медиуми легално, а кои се значителен ризик за корупција и според ДКСК и според ЕУ и според граѓанските организации. Извор: Новинска агенција МЕТА