Протестниот марш од спроти Универзалната сала ќе продолжи кон Владата во 17 часот, потоа кон Собранието во 17:45 и пред Апелациониот суд во 18:30. Иницијативата „Кој е следен?“ соопшти дека денеска ќе организира нов протестен марш кој ќе започне во 16:30 часот на местото каде пред три седмици младата дизајнерка Фросина Кулакова беше прегазена со автомобил. „Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин“, се вели во соопштението на организаторите. Протестниот марш од спроти Универзалната сала ќе продолжи кон Владата во 17 часот, потоа кон Собранието во 17:45 и пред Апелациониот суд во 18:30. Од „Кој е следен?“ сметаат дека потфрла системот што треба да ги заштити граѓаните и секојдневно ја докажува неговата нефункционалност. „Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции!“, се вели понатаму во соопштението. Организаторите потенцираат дека протестот е политички чин, но не смее да биде партиска алатка.„Истакнувањето на барања е политички акт, но тоа не значи дека некоја партија треба да го преземе и да манипулира со граѓанската борба! Секој оној што се обидува да го поткопа протестот со теории на заговор дека е платен од некого, нека знае: за протест пари не се потребни. За хамер и фломастери за плакатите – имаме“, велат од „Кој е следен?“.
Ваквите реакции доаѓаат откако на социјалните мрежи беа објавени обвинувања против организаторите на протестот, дека биле анонимни, дека не се знаело кој им давал пари за транспаренти, боја и флаери поврзувајќи ги некако овие протести со т.н. „шарена револуција“ од 2016 година. Од иницијативата „Кој е следен?“ одговараат дека оние што ги шират ваквите приказни работат во корист на одржување на народот во партиско ропство – состојба во која партиите, наместо да им служат на граѓаните, стануваат центри на моќ што контролираат сè: животот, егзистенцијата, иднината. „Нивниот мотив не е подобар живот, туку да бидат власт по секоја цена. Тие самите не можат да поимаат дека некој може да има чесни намери за општо добро, бидејќи самите никогаш не би направиле нешто самоиницијативно за подобрување на условите во оваа држава без личен бенефит. Но ние можеме. И затоа излегуваме!“, велат од „Кој е следен?“. Тие додаваат оти со помош на стручната јавност и поддршката на граѓаните на нивните јавни форуми, подготвиле конкретни барања до институциите, кои како што велат „ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас“. Посочуваат дека „гневот е природен бидејќи системот е деструктивен“, но додаваат оти тие сакаат да бидат конструктивни и нудат решенија кои бараат веднаш да се спроведат. Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина, на социјалните мрежи објави оти се приклучила кон иницијативата „Кој е следен?“ како претставник на семејството. Таа посочи оти протестот не е против Владата на која ѝ се заблагодари, како што напиша, за досегашната поддршка. Во однос на судството, таа беше многу поостра велејќи дека „гнојот на општеството“ доаѓа оттаму. „Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата “Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта туку и од опозицијата“, напиша Кулакова на Фејсбук.
View this post on Instagram
Извор: Новинска агенција МЕТА