Денеска пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието на Република Северна Македонија го поднесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој е предвидено намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5% и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. На денешната прес-конференција во Собранието, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи посочи дека овие овие законски измени ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард, во услови кога граѓаните се на раб на егзистенција поради погрешните владини политики.
„Наместо Владата да интервенира и да ја заузда кризата, гледаме незаинтересираност, одолговлекување и целосно отсуство на мерки што ќе ја заштитат куповната моќ.И покрај тоа што со месеци ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме целосен дебакл на владините политики. Т.н. „антикризни празнични кошнички“ доживеаја фијаско! Најавеното замрзнување на маржите сè уште не е донесено!“, рече Битиќи. Предложените законски измени, како што рече Битиќи ќе придонесат за реално намалување на цените на прехранбените производи и за намалување на цените на електричната енергија. „Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%“, рече Битиќи, додавајќи дека ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог, бидејќи секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети.