Пет угинати животни биле пронајдени во нивното живеалиште во ЗОО Скопје пред шест дена, за ,,Фокус” потврдуваат од јавната установа. Станува збор за берберски овци, вид кој е застапен во Тунис, Египет и делови на Африка. Како што појаснуваат од ЗОО Скопје, веднаш откако вработените ги забележале угинатите животни, кои претходно не покажувале знаци на болест, биле повикани стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, како и инспектор од Агенција за храна и ветеринарство.
Според првичните сознанија, сомнежот бил дека животните се отруле од растението Свето дрво, познато и како Тиса, од кое биле пронајдени гранки во нивното живеалиште. Сепак, како што велат од ЗОО Скопје, точната причина за угинувањето ќе се знае по добивањето на резултатите од обдукцијата. Околу растението Свето дрво, од установата потврдуваат дека го има на повеќе места во зоолошката, насадено пред многу години, но никогаш во минатото не се случило вакво нешто.
Инаку, Светото дрво го има и на јавни површини низ земјава, најчесто како жива ограда, и покрај тоа што е познато како доста отровно и опасно за деца и за миленици. На прашањето на ,,Фокус” како се случило животните да консумираат од неговите гранки, бидејќи се работи за еден вид на зимзелен четинар, кој животните не го користат за исхрана, и дали евентуално биле гладни па посегнале по отровните гранки, од ЗОО Скопје велат дека сите животни добро се хранат и не се случило да останат без храна. Како што додаваат, и самите се затекнати од ситуацијата, и најверојатно сите стебла на Светото дрво ќе бидат отстранети од зоолошката. Инаку, Тисата е долговечен вид и е доста отпорно на временските услови, а содржи алкалоиден таксин, кој е исклучително отровен. Спаѓа во законски заштитените видови.