Овие потези предизвикаа загриженост во Киев и кај клучните сојузници кои се обидуваат да обезбедат свое место на преговарачката маса, стравувајќи дека Вашингтон и Москва би можеле да продолжат со договор кој не би бил во нивна корист. Високи американски и руски претставници, вклучувајќи ги и главните дипломати на двете земји, ќе одржат разговори за подобрување на нивните односи и преговарање за крај на војната во Украина, соопшти Кремљ, во она што би бил најзначајниот состанок меѓу двете страни од почетокот на целосната руска инвазија врз соседната земја пред речиси три години, пренесува Асошиејтед Прес. Разговорите, закажани за утре кои ќе се одржат во Саудиска Арабија, претставуваат уште еден значаен чекор од страна на администрацијата на Трамп за менување на американската политика на изолирање на Русија и имаат за цел да подготват терен за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Овие потези предизвикаа загриженост во Киев и кај клучните сојузници кои се обидуваат да обезбедат свое место на преговарачката маса, стравувајќи дека Вашингтон и Москва би можеле да продолжат со договор кој не би бил во нивна корист. Франција во понеделникот свика итен состанок на земјите членки на Европската Унија и Обединетото Кралство за да се договори за одговорот на американската дипломатска офанзива околу војната.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и советникот за надворешни работи, Јуриј Ушаков, ќе отпатуваат во главниот град на Саудиска Арабија подоцна во текот на денот. Американскиот државен секретар, Марко Рубио, советникот за национална безбедност, Мајк Волц, и специјалниот пратеник, Стив Виткоф, ќе се сретнат со руската делегација, изјави портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус. Украина нема да учествува. Песков изјави дека разговорите ќе бидат фокусирани главно на „обновување на целиот спектар на руско-американските односи, како и подготовка на можни преговори за решавање на украинското прашање и организирање на средба меѓу двата претседатели“. Говорејќи во емисијата „Sunday Morning Futures“ на Fox News, Виткоф изјави дека тој и Волц ќе имаат „средби по налог на претседателот“ и се надеваат дека ќе постигнат „навистина добар напредок во однос на Русија и Украина“.
Виткоф не одговори директно на прашањето дали Украина ќе мора да се откаже од „значителен дел“ од својата територија како дел од евентуалниот договор. Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, минатата недела изјави дека членството на Украина во НАТО не е реалистично и предложи Киев да се откаже од надежите за целосно враќање на окупираните територии — две клучни точки на листата на желби на Путин. Овие разговори би означиле значително проширување на американско-руските контакти, речиси три години од почетокот на војната, која ги доведе односите на најниско ниво во последните децении. Лавров и тогашниот американски државен секретар, Ентони Блинкен, кратко разговараа на маргините на самитот на Г-20 во Индија пред речиси две години. Разговорот траеше околу 10 минути, без никакви индикации за намалување на тензиите. Во есента 2022 година, шефовите на разузнавачките служби на САД и Русија се сретнаа во Турција. Разговорите во вторникот доаѓаат по телефонскиот разговор минатата недела меѓу Трамп и Путин, при што американскиот претседател изјави дека тие „се согласија нивните тимови веднаш да започнат со преговори“. Овој повик ги смени годините на американската политика, завршувајќи ја изолацијата на Москва по нејзината инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. По овој повик, Трамп му се јавил на украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го информира за нивниот разговор. Извор: Новинска агенција МЕТА