Од таму ги повторија своите барања фотоволтаичните (ФВ) системи најнапред да се поставуваат на сите расположливи кровни површини „и тоа со приоритет на јавни институции кои се греат на загадувачки енергенси“. Активисти на Граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ) испратија апел до претседателката Гордана Сиљановска Давкова да не ги потпишува, како што велат, контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање со кои се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување на фотоволтаични централи и ветерници. „Ве повикуваме да покажете дека навистина сте претседателка на сите граѓани и да постапите во корист на граѓаните – уништувањето на плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна“, велат од ЗХГ. Од таму ги повторија своите барања фотоволтаичните (ФВ) системи најнапред да се поставуваат на сите расположливи кровни површини „и тоа со приоритет на јавни институции кои се греат на загадувачки енергенси“.
„Понатаму, со измени во законските и подзаконските акти да се тргне ограничувањето на инсталирана моќност за да може секое домаќинство, секоја заедница на станари, секој деловен објект да си постави ФВ системи на покривот на објектите за домување/деловни намени, а вишокот произведена енергија да може да го враќа назад во мрежата по фер цена и на тој начин да го намали сопствениот финансиски товар предизвикан од астрономските цени на електричната енергија“, додаваат од Зелен Хуман Град. Според оваа граѓанска иницијатива, поентата со инвестициите во соларната енергија е да се има најмал негативен ефект врз животната средина, а со тоа и врз човечките животи, но и граѓаните да се ослободат од енергетската сиромаштија и од енергетските монополи. Активистите на Зелен Хуман Град тврдат дека спорните законски измени претставуваат злоупотреба на обновливата енергија како изговор за уништување на драгоцен ресурс. „Со потпишување на указот за овие законски измени вие ќе го овозможите токму спротивното – односно продолжување на должничкото ропство на многу наши сограѓани, едноставна замена на еден монопол со друг!“, велат од ЗХГ во апелот до претседателката Сиљановска – Давкова.
Од таму додаваат и дека измени на закони кои се усвојуваат по скратени постапки зад затворени врати не можат да бидат во корист на граѓаните. „Уште позагрижувачки е фактот што нарачаните штетни измени на Законот за урбанистичко планирање веќе по вторпат за овој пратенички состав преоѓаат во шаблонско однесување и нѐ враќаат во минатото кога јавноста речиси не можеше да ги следи пречестите измени на законите поврзани со урбанизмот. Законот за градење во своето минато 11-годишно владеење оваа власт го менуваше дури 29 пати“, се вели во апелот на ЗХГ. Извор: Новинска агенција МЕТА