На средбата, која итно ја свика францускиот претседател Емануел Макрон, ќе учествуваат клучни регионални лидери кои ќе се обидат да трасираат пат напред надвор од формалните структури на Европската унија, без ризик од саботажа од лидери како Виктор Орбан. По суровото освестување за состојбата на трансатлантската алијанса изминатиот викенд, клучните европски лидери денес се среќаваат во Париз за да утврдат како да продолжат понатаму со помошта за Украина, пренесува Гардијан. Нивната цел не е нужно да ја направат Европа „повторно голема“, како што тврди Џеј Ди Венс, туку да ја направат Европа повторно релевантна во претстојните разговори за иднината на Украина. На средбата, која итно беше свикана од францускиот претседател Емануел Макрон, ќе учествуваат клучни регионални лидери кои ќе се обидат да трасираат пат напред надвор од формалните структури на Европската унија, без ризик од саботажа од лидери како Виктор Орбан.
Очекувано е Макрон да биде придружен од германскиот канцелар Шолц, италијанската премиерка Мелони, полскиот премиер Туск, данската премиерка Фредериксен, шпанскиот премиер Санчес, холандскиот премиер Скоф, како и лидерите на ЕУ – претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Коста. На состанокот ќе се разговара за тоа какви одбранбени капацитети Европа може да ѝ обезбеди на Украина за да ѝ гарантира веродостојна безбедност, вклучително и план за автоматско членство на Украина во НАТО во случај на јасно прекршување на примирјето од страна на Русија. Но, не може да се игнорира фактот дека самитот во Париз се одржува во момент кога американски претставници се подготвуваат за средба со руски колеги во саудискиот главен град Ријад за да дискутираат за истите прашања – без присуство на украински или европски претставници. Ако Европа сака повторно да се наметне во овие разговори, времето ѝ истекува, со потенцијално разорни последици за безбедносниот поредок кој не штити од 1945 година. Шведскиот премиер Улф Кристерсон за Ројтерс изјави дека испраќањето шведски трупи во Украина како дел од мировна мисија е „апсолутно можна опција“. Норвешкиот премиер Јонас Гар Стуре изјави дека разговарал со британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот, при што двајцата изразиле „јасно очекување дека Украина мора да има место на преговарачката маса“ за време на какви било мировни преговори со Русија. Извор: Новинска агенција МЕТА