Некои од нив потекнуваат од нефункционални семејства, па затоа престојот во овој центар за рехабилитација имал позитивен ефект. Членовите на семејството имаат право да ги посетуваат своите деца, но некои ги посетуваат многу ретко, а некои пак никогаш. За малолетниците кои го прекршиле законот во Северна Македонија, државата со години не го почитува правото на образование загарантирано со Уставот и меѓународните конвенции. За овој прекршок досега од никого не се побарало одговорност. Порталб го посети Воспитно-поправниот дом во село Волковија, каде во моментов престојуваат 26 деца. Разговаравме со сите надлежни институции, не знаат како и во каква форма, но се надеваат дека од следната учебна година и овие деца ќе можат да се вклучат во воспитно-образовниот процес, пишува Порталб.мк. Иако мали, штетите што ги предизвикале овие деца оставиле големи последици. Повеќето се осудени за кражби, тешки кражби и разбојништва. Но, има и осудени за посериозни кривични дела како што се за обид за убиство и за сексуален напад. Некои од нив потекнуваат од нефункционални семејства, па затоа престојот во овој центар за рехабилитација имал позитивен ефект. Членовите на семејството имаат право да ги посетуваат своите деца, но некои ги посетуваат многу ретко, а некои пак никогаш.
Порталб разговараше со едно од децата кој што ја издржува казната во овој дом. Тој веќе две и пол години е во овој воспитно-поправен дом и вели дека освен што му недостигаат родителите, тој е задоволен од условите во оваа установа.

„Бев кај моите родители, се вратив пред еден месец, десет дена бев на годишен одмор, одлично си поминав, а тие беа многу задоволни од мене, за разлика од тоа што бев порано кога бев надвор. Но, секако дека ми недостигаат, тие се моите родители, но мора да се навикнеме, за се во животот е потребно трпение. Овде научив како да бидам трпелив, надвор немав воопшто трпение, сакав некои работи да се случат веднаш, во тој момент, но тука научив дека некогаш и треба да се почека малку за да се случи нешто“, рече тој. Тој има еден совет за своите врсници. „Поаѓајќи од себе си, им порачувам да се трудат да успеат во животот, да не прават лоши работи. Нека го завршат образованието, тогаш Господ ќе им обезбеди и дуги работи. Да се потрудат се да постигнат сами, а не да чекаат од другите“, рече тој. Младото момче се кае поради делото што го сторил, оправдувајќи го со фактот дека „моето семејство не можеше да ми обезбеди подобар живот, па така јас застранив од патот“. Децата овде можат да престојуваат најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години. Меѓутоа, доколку покажат знаци на подобрување, може да бидат пуштени и порано од тоа. За ова разговаравме со раководителката на Секторот за ресоцијализација, Наташа Ристовска. „Децата изразуваат чувство на вина, каење, го објаснуваат тој момент како желба за припаѓање во групата на децата што ги навеле да го извршат кривичното дело, зборуваат за нивната незрелост. Им се дава можност да работат на себе, а колку повеќе напредуваат толку побрзо можат да ја напуштат оваа институција“, рече Ристовска. Државата ги крши основните права на децата во овој поправен дом. На овие деца никогаш не им бил овозможен редовен образовен процес, поради што повеќето од нив се целосно неписмени. И покрај нивната желба да го продолжат своето образование кога ќе ја напуштат оваа институција, тоа најверојатно ќе биде тешко, поради немањето на потврда за завршено основно училиште. „Навистина би сакал да се школувам, ова е мојата животна цел, прво сакам да завршам основно, факултет, потоа да работам и се друго. Ќе го продолжам образованието во странство, ако случајно заминам во Швајцарија, бидејќи така планирам да направам“, вели младото момче со кое разговараше Порталб. Со оневозможувањето на пристапот до образование за овие деца, државата не го почитува Законот на правата на детето, Законот за спровдување на санкции и Меѓународната Конвенција за правата на децата на Обединетите Нации.

Според Наташа Ристовска децата од овој воспитно поправен дом во отсуство на соодветно образование посетувале неколку обуки обезбедени од УНДП. „Проблемот со образованието во воспитно-поправниот дом е долгогодишен, не постои организирана форма на воспитно-образовниот процес, но во овој период нашата институција можеше да го покрие процесот што ни недостасуваше со неформални активности, но и преку активности што ги спроведуваат самите воспитувачи, како што се работа со компјутери и описменување на децата“, рече Ристовска. Директорот на оваа институција, Бране Стојчевски, вели дека ги обезбедиле сите потребни услови за одвивање на образовниот процес, но нагласи дека не зависи од нив кога ќе почне тој процес.

„Од наша страна се обезбедени условите за да може да се одвива образовниот процес, ќе видите дека за ова имаме училници со лаптопи, така што ние сме подготвени за започнување на образованиот процес тука, се надеваме дека во учебната 2025/2026 и овде ќе почне да се одвива образовниот процес“, рече Стојчевски. Меѓутоа, според заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа, обуките кои ги спроведува УНДП и самиот центар не се важечки, бидејќи на децата не им се обезбедува официјален документ за завршено образование.

„Ова не е спроведување на она што ние како држава треба да го направиме, а тоа е да обезбедиме воспитно-образовен процес за овие деца. Се надеваме дека со законските измени за основното образование кои беа усвоени на крајот на годината, конечно ќе се преземаат активности согласно нашето барање и алармот што го креваме со години, и ќе се воспостави еден воспитно-образовен процес“, рече Васка Бајрамовска Мустафа. Законско решение има, имплементациа нема. Собранието на Северна Македонија на крајот на декември ги изгласа измените на Законот за основно образование. Согласно важечките законски одредби, училиштето за возрасни „Макаренко“ се трансформира во институција која ќе дава образовни услуги за воспитно-поправните домови. Член 51, Закон за основно образование. „Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко“ – Скопје, продолжува со својата работа како основно училиште за воспитување на возрасни и деца во воспитно-поправни установи, од денот на влегувањето во сила на овој закон и има статус на државно основно училиште“ „Подобро нешто отколку ништо“, одговори директорот на Воспитно-поправниот дом Волковија, Бране Стојчевски, на прашањето на новинарот на Порталб околу дали смета дека е изводлив планот на Министерството за образование за школување на децата во овој дом.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пак, е убедена дека од следната учебна година овие деца ќе можат да се вклучат во редовниот образовен процес. „Во моментов се подготвуваат сите документи потребни за да може училиштето да профункционира и верувам дека до почетокот на следната година се ќе биде во ред и училиштето ќе може да го започне образовниот процес со овие ученици без разлика на нивната возраст или степен на образование“, рече Јаневска. Меѓутоа, таа не е сигурна во каква форма ќе се реализира тоа. „Постојат различни начини на кои може да се одржуваат часовите, длабоко сум убедена дека тоа ќе биде изводливо, училиштето има кадар кој ќе ги спроведува часовите за учениците. Формите на едукација, дали ќе биде со физичко присуство или онлајн, зависат од мерките на казнено-поправниот дом, но и од можностите или децата да одат на училиште со придружба или наставниците да одат во воспитно-поправните домови“, рече Јаневска. Одговорност мора да има! Министерката Јаневска рече дека некој мора да сноси одговорност што на овие деца со години им е скратено основното право, но според неа ова е работа на други институции. „Одговорност за многу работи, не само за ова, треба да сносат релевантните институции и поединци, ова е мој личен став и гледате дека оваа власт се бори за да воспостави ред. Но, за мене во овој момент е поважно децата да почнат да учат и да развиваат некакви вештини ако не знаења, и ќе се фокусирам на тоа. И другите институции ќе си ја завршат работата и јас сум длабоко убедена во тоа“, рече Јаневска. Во вториот дел од оваа сторија ќе прочитате повеќе за непочитувањето на правата од државата за малолетните девојчиња кои го прекршиле законот. Тие во моментов се наоѓаат во специјалното одделение во затворот Идризово. Извор: Новинска агенција МЕТА