Во рамките на официјалната посета на Словенија, министерот за одбрана Владо Мисајловски беше примен и од претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, со која разговараше за заокружувањето на интегративните процеси на земјава. За време на средбата од страна на претседателката Мусар беше потврдена јасната и недвосмислена поддршката за нашето членство во Европската Унија. Министерот Мисајловски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Република Словенија и посочи дека меѓусебната соработка продолжува да се гради со искрени намери по нагорна линија. Тој за време на разговорот истакна дека Европската Унија треба да направи исчекор во поглед на македонското членство.
Двајцата соговорници нагласија дека одбраната е составен дел од евроинтегративниот процес и дека само со целосна интеграција во Европската Унија, Западниот Балкан може да биде просперитен и стабилен. Претходно, во вилата Подрожник, Мисајловски на припадниците на словенечката полиција, војска и Управата за заштита и решавање заедно со градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов им врачија плакети и признанија за нивната пожртвуваност и професионалност. „Навистина ми е драго што гледам херои пред мене и од срцето на мојата татковина, од името на Владата и од македонските граѓани ви благодарам од сè срце“, им порача Мисајловски. Во текот на посетата министерот Мисајловски положи венец со свежо цвеќе на меморијалниот споменик Помник ’91, на паднатите во војната за Словенија во 1991 година и оствари посета на дел од словенечките одбранбени капацитети.