Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска во Москва изјави дека Србија сака да придонесе за решавање на конфликтот во Украина и е подготвена да биде домаќин на преговорите, пренесува „Анадолија“. „Кога станува збор за нашата желба да придонесеме за решавање на актуелната ситуација во Украина, Србија е земја со релативно скромни геополитички капацитети ако го гледаме бројот на жители, но имаме голема желба да придонесеме за решавање на овој проблем, секогаш сме подготвени да бидеме домаќини на секаков вид формални или неформални разговори“, рече Ѓуриќ.
Инаку, Ѓуриќ зборуваше на заедничка прес-конференција по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Новинарите се интересираа дали Ѓуриќ разговарал со Лавров за можноста Белград да биде вклучен во разговорите за прекин на непријателствата во Украина, бидејќи Србија е една од ретките земји што во моментов има добри односи со Вашингтон, Москва и Киев.