Српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска се согласија дека изградбата на нафтовод меѓу Србија и Унгарија е од стратешко значење за двете земји, објави ТРТ. Орбан истакна дека не е се во профитот, туку дека мора да се размислува стратешки. „Тоа е инвестиција која е од фундаментално стратешко значење за Унгарија, бидејќи од неа може да зависат нашите животи и затоа велам дека и двете земји ќе се чувствуваат сигурно доколку се изгради овој гасовод“, рече унгарскиот премиер.
Тој истакна дека многу ги цени експертите, бидејќи во суштина секоја инвестиција е прашање и на експертиза и на финансии – колку време ќе трае, кои се економските показатели, какви ќе бидат придобивките или профитот. „Но ако размислуваме само за тоа, или подобро кажано на тој начин, тогаш ништо значајно нема да се случи во овој регион. Многумина се пошегуваа за гасоводот меѓу Словачка и Унгарија, а потоа експертите рекоа дека постои гасовод што нè снабдува од Украина и дека никој нема да го користи тој гасовод меѓу Словачка и Унгарија итн.
И тогаш почна војната во Украина и сега немаме гас од Украина. Да немавме гасовод меѓу Словачка и Унгарија, немаше да можеме да се снабдуваме со гас“, посочи Орбан. Тој додаде дека експертското мислење е само едната страна на приказната, но дека треба да се знае стратешки да се размислува, врз основа на национална стратегија. „Значи, јас и претседателот Вучиќ размислувавме на ист начин кога работевме на брзата пруга Белград-Будимпешта или кога градевме гасовод. Истото важи и сега за нафтоводот. Енергијата е систем кој мора да функционира, бидејќи ако тој систем пропадне, тогаш целата економија пропаѓа”, заклучува Орбан.
Претседателот Вучиќ додаде дека треба да се замисли што ќе се случеше ако не се договореа пред неколку години и заеднички не го градеа гасоводот „Балкански тек“ или „Турски тек“, бидејќи тоа ќе беше целосна катастрофа и за Србија и за Унгарија, бидејќи двете земји ќе остане без гас. „Само помислете да не донесевме таква одлука, да не беше некој во нашиот синџир за тоа, сите ќе пропадневме денес. Само поради една погрешна одлука. Целосно ќе пропадневме. Немаше да имаме никакви шанси да имаме доволно, не доволни, но минимални количества гас“, оцени Вучиќ. Tој посочи дека тие што се на власт имаат одговорност да размислуваат стратешки.
„Замислете да ги слушавме нашите политички противници или Виктор неговите. Знаете, кој и да е на власт мора да има одговорност, мора да мисли за животот. Мора да размислува да се погрижи неговите граѓани да не замрзнат, да размислува да се погрижи неговите фабрики да работат“, рече Вучиќ. Тој додаде дека кога станува збор за енергетиката, пред три дена разговарал со Алексеј Лихачев, претседателот на Росатом од Руската Федерација, а претходно со Французите од ЕДФ.
„Размислуваме како да воведеме нуклеарна енергија во иднина. Се восхитувам на визијата на Орбан. Човекот работи на ПАКШ-2. Тоа ќе ја спаси Унгарија во иднина. Нема да има доволно струја, ќе имате електрични автомобили, ќе има проблеми со водата. Никој нема да има доволно струја. Спас за сите граѓани, спас за економијата“, оцени Вучиќ. Тој додаде дека ќе моли и нема да праша колку за 3-5 проценти во ПАКШ-2, туку дека сака да го земе знаењето и Србија што поскоро да почне да гради нуклеарна централа, бидејќи за тоа се потребни осум до 10 години.
„За да можеме да преживееме. Некој мора да гледа во иднината. Виктор имаше визија. Овој нафтовод е мала инвестиција во споредба со овие инвестиции за кои зборувам. Сите овие други инвестиции се многу поголеми. И се поврзуваме едни со други. Кој ќе биде на оваа или онаа позиција? „Важно е ние и Унгарците да работиме заедно, да соработуваме, секогаш да можеме да си помагаме“, заклучи Вучиќ.