Што е анемија? Колку исхраната влијае на анемијата кај децата? Дали храната којашто ја зема мајката во текот на бременоста има влијание на здравјето на децата? Има ли некаква врска меѓу анемијата и аерозагадувањето? Утрово на овие, но и на други теми поврзани со проблемите со недостигот на железо кај децата разговараме со проф. доктор Александар Сајковски, педијатар од приватната болница „Аџибадем Систина“.
На прашањето дали расте бројката на анемични деца, докторот вели дека тоа е релативно стандарден проблем.
– Слабокрвноста народски кажано е еден релативно стандарден проблем којшто најчесто се поврзува со релативно лоша или слаба исхрана од првата година па понатаму во животот на еден човек. Причините за анемија можат да бидат различни. Има и повеќе вродени состојби. Македонија е средина во која има некои вродени анемии, на пример, таласемија. Но, она што најчесто се гледа, реално, тоа е влијаењето на исхраната во појавата на анемија. Денес има шареноликост во основа на исхраната и ако се внесува правилно храна, уште додека децата се доенчиња, нема да се појави анемија – вели Сајковски.
Во однос на симптомите вели дека веднаш може да се види дали детето е анемично. Има бледило по слузниците, очите, ноктите, кожата. После ова веднаш се прават анализи за да се утврди кој е типот на анемијата и што е клучната причина за тоа. На прашањето дали има скептични родители кога е исхраната на децата во прашање, Сајковски вели дека дебелината, особено во школска возраст, е проблем којшто е многу чест во цел свет, а кај нас се зголемува во последно време.

– Исхраната има директно влијаење дали ќе се појави анемија или не. Тоа почнува во основа уште во првата година од животот, односно, кога ќе се внесе дохрана на мајчиното млеко и многу е битно која дохрана ќе се внесе во исхраната на едно дете. Јас би сакал да ја искористам оваа прилика, повеќе пати сум го кажал тоа на наши состаноци. Знаете, Максим Горки има кажано една многу добра реченица, пазете кога читате книги за медицина, може да умрете од печатна грешка. Не само за анемијата, тоа важи и за исхраната. Значи, она што е клучно правило е внесување на месо во исхраната. Човекот по структура е месојадно животно. Ако така можеме да се крстиме. И храната во којашто има и месни производи, во основа е главен извор на железо и на протеини за развојот на децата – вели докторот.
Тој објаснува дека денес има различни начини на исхрана, вегетаријанство, веганство. Апелира до сите родители да сфатат дека децата треба да се хранат нормално, со храна која содржи месо и месни производи, до завршување на растот.
– Растот завршува на 18 години. Детето станува полнолетно, па потоа може само да одлучи дали треба да се постави на вегетаријанска или на веганска исхрана. Ако на време на едно бебе не му се внесува храна којашто содржи железо, особено месо, треба да почнеме да му додаваме, без оглед дали му е добра крвната слика, железо како препарат, како капки. Тоа се препораки од САД, не се наши – вели Сајковски.
Тој објаснува дека дека Европската Унија, односно цела Европа, има свои протоколи за исхрана, значи за сите возрасни категории, посебно е за децата.
-Тоа е еден документ на некои 130 страни, таму пишува дека над пет години детето јаде лосос, кај нас се дава над 6 месеци. Во цел Балкан, не е само Македонија, има некои навики кои се многу интересни. Луѓето даваат, на пример од петти месец авокадо, урма, киоа, што е океј. Но од друга страна не даваат домат, што е доминантен за нашево подрачје и е здрав – вели докторот.
Вели дека не постои формула или додаток во исхрана кој ќе го зголеми имунитетот преку ноќ.
– Мора да се дефинира од што е анемијата. Дали е заради дефицит на железо, дали е лоша исхрана, дали е дефицит на фолна киселина и витамин Б12. Треба да се направи лабораторија која во тој дел ќе помогне. Кога ќе дојдеме до вистинската информација, се додаваат суплементи – вели Сајковски.
Со докторот зборувавме и за грипот. Неговото искуство вели дека годинава има тешки случаи кај деца.