Државните симболи станаа актуелни откако премиерот Христијан Мицкоски потврди дека со Вреди е отворена темата за нов државен грб, по што албанскиот партнер во Владата порача дека освен промена на грбот, ќе бара во пакет и нова химна и замена во Уставот на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Владините партнери од Вреди не го знаат текстот на новата химна, која може да биде и само мелодија, а на премиерот Христијан Мицкоски предлогот ќе му кажат ако почнат разговори за нови државни сомболи. Државните симболи станаа актуелни откако Мицкоски потврди дека со Вреди е отворена темата за нов државен грб, по што владиниот партнер порача дека освен промена на грбот, ќе бараат во пакет и нова химна и замена во Уставот на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. – Нема политички договор за промена на државните симболи, посветени сме на владината програма – вели за „Слободен печат“ првиот вицепремиер Изет Меџити.

Меџити не ни одговори во што е проблемот со државната химна. Но тој за химната беше поконкретен на гостувањето во емисијата „Дијалог во Лајм“ каде што вели дека ако се отвори прашањето за менување на националната химна, едно од можните решенија е химната да биде само со музика, без текст или со текст што ќе биде „поопфатен“. Според Меџити, со ВМРО-ДПМНЕ начелно е разговарано за прашањето за грбот и химната. – Ако грбот е комунистички реликт, тогаш и химната доаѓа од комунистичкиот период. Тогаш и химната треба да ја прилагодиме на новото време, на модерното време, со европски дух. Може да биде химна само со музика и без текст, или текстот може да биде поприфатлив. Рековме, ако ги отвориме овие теми, да ги отвораме во пакети, каде што терминот 20 отсто треба да се замени со албанскиот јазик – вели Меџити. Меџити не ни одговори во што е проблемот со државната химна, што значи прифатлив текст на химната и дали во спротивно ќе предложат само мелодија.
Меџити како аргумент за промена на химната се повикува на изјавата на Мицкоски за грбот дека сме меѓу ретките земји со постсоцијалистички грб. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дообјасни дека Македонија не треба да остане меѓу ретките држави кои сè уште користат советска симболика на својот државен грб, заедно со Белорусија, Таџикистан и со Ангола. Ако Мицкоски е решен да го смени државниот грб, извесно е дека Вреди на маса ќе ги стави химната и формулацијата „20 отсто“, а ако се прашува ДУИ, тогаш и Македонците ќе треба да донесат национално знаме различно од државното за, како што велат, и Албанците да го почитуваат државното знаме. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека за химната ниту се разговарало, ниту ќе се разговара. Темата за нови државни симболи не е нова – партиите ја рециклираат по партиско-политички процени. Партиите од албанскиот политички блок, пак, како аргументи зошто не ги почитуваат државните симболи истакнуваат дека не се пронаоѓаат ни во грбот, ни во химната, ни во знамето. Поточно, дека државните симболи не го одразуваат мултиетничкиот карактер на земјата, дека Албанците не се препознаваат во грбот и не се споменуваат во химната. Политичките лидери и функционери на партиите на Албанците ги почитуваат албанската химна која ја интонираат на партиските собири и во секоја изборна кампања, а го вејат албанското како национално знаме на сите Албанци. За нова химна „пееја“ и Арбен Џафери и Али Ахмети. За потсетување, промена на химната заговараше поранешниот претседател на ДПА Арбен Џафери пред 15 до 20 години. Негова е идејата, ако не може да се договориме за текст на химната, таа да биде само мелодија по урнекот на Бетовеновата „Ода на радоста“. По него и лидерот на ДУИ Али Ахмети најавуваше нова химна.
Пред пет години, ДУИ најавуваше дека како еден од врвните приоритети на првиот премиер Албанец ќе биде „усогласување на државните симболи, особено на химната на нашата земја, која секако треба да претставува репрезент и на мултиетничкиот состав на населението“.
Според партијата, тоа би значело вклучување и на дел од културното наследство и традицијата на Албанците во рамките на химната, како и употреба на албанскиот јазик соодветно на учеството на Албанците во заедничкото општество.
– Онака како што со имплементацијата на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се гради надворешната интеграција на земјата, така и со заокружување на општествената рамка од Охридскиот договор ќе ја засилиме и внатрешната интеграција и ќе го зацврстиме унитарниот карактер на земјата – објаснуваа тогаш од ДУИ. Меѓу последните несогласувања на партиите на Албанците со државните симболи беше најавата на тетовскиот градоначалник и претседател на Беса, Билал Касами, дека ако во училиштата се интонира државната химна, во училиштата во општините со мнозинство Албанци ќе се интонира химната на Албанија. За мир во куќа и под притисок на Вреди, министерката за образование Весна Јаневска го повлече членот од законот за средно образование кој предвидуваше интонирање на државната химна во средните училишта.