Од око, без да се навлегува во подлабока анализа, се гледа дека Мицкоски од почетокот силно го грабна воланот и добро држи правец. А и ногата фино му стиска на „гаста“ – ретко спушта под „стотка“. Засега внимателно ги избегнува огромните дупки, иако, дури и сигнализација е уништена од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Вообичаено, потребни се три месеци за да се добие јасна слика како секоја нова власт ќе го извози својот мандат. Дали автобусот, во кој се сите од првиот и вториот ешалон на власта ќе биде како од култниот филм „Ко то тамо пева“ или ќе биде модерен, сигурен и што е најважно побрзо да ги совладува потребните дестинации. Оти позади него во колоната сме и сите ние од државата. Ова е крупна работа (особено ако се знае дека претходната власт го уништи дури и патот), па затоа јас почекав девет месеци! Од око, без да се навлегува во подлабока анализа, се гледа дека Мицкоски од почетокот силно го грабна воланот и добро држи правец. А и ногата фино му стиска на „гаста“ – ретко спушта под „стотка“. Засега внимателно ги избегнува огромните дупки, иако, дури и сигнализација е уништена од претходната влада на СДСМ и ДУИ. А долга колона возила го следи автобусот, понекогаш барајќи поголема брзина или спореден пат.
Не знам кој тип на ГПС има во автобусот, ама премиерот не треба да се опушти по добриот старт. На патот има многу непријатни кривини. Еве пет такви, на кои треба да се биде особено внимателен, оти лесно може да се излета во провалија. Првата е направена од ’рѓосаниот правен систем, а друштво и прави и метастазираната јавна корупција. Многу тешка кривина! Ем треба да се прикочи за да се совлада, ем треба брзо да се помине. Ова е кривина од која лесно може да се излета, доколку на сред совладување, возачот е несигурен и се попишмани, па не „ја фати“ од добар агол. Да, ќе има пиштење и вриштење од дел од судството и обвинителството дека им се „слошило“ од возењето, ама интерес на сите е правниот систем да ни функционира беспрекорно. Втората кривина е долга и со неколку остри завои. Ако се совлада како што треба потоа ќе се вози по мирен автопат кој води кон економска стабилност на Македонија. Интересно е дека оваа кривина власта почна да ја совладува со градење нови патишта. Добар старт, но малку е – уште повеќе треба да се гради, а и многу од сегашните патишта да се поправат. Решавање на економската криза и инфраструктурното поврзување на Македонија во сите соседни правци, но и далечни дестинации преку скопскиот и охридскиот аеродром е многу битно. „Унгарскиот“ кредит и тоа како ќе се почувствува во македонскатата економија, но кривината на која може да излета Мицкоски е ако дозволи овие пари да завршат во сомнителни проекти. За време на минатата власт дури и магариња тренираа – сега е време за проекти кои ќе донесат реален развој за државата.
Земјоделието да се подигне на повисоко рамниште, контрола на инфлацијата, разгаленоста на некои трговци, совладувањето на институционалната корупција се исто така дел од острите кривини на кои мора главниот возач цело време да внимава. Оти тие се појавуваат и таму каде што нема предупредувачки знаци. Третата кривина е онаа која води кон евроинтеграциите. Ептен непредвидлива! Таман си помислил дека си ја поминал, „градителите“ додаваат нов свиок, а од двете страни провалии. Премиерот за овие 9 месеци не дозволи автобусот да се залета, ама што е многу важно и не застана. Таа кривина така и треба да се помине! Внимателноста треба да е и од можни изненадни одрони на патот оти некои странци не сакаат возачи што не возат според знаците поставени од нив, а може и (како ќе одминува времето) и некој во автобусот да почне да бара ризично возење само за побрзо да се стигнело пред портата на ЕУ. Добро е што шоферот на автобусот покажа дека има пријатели кои се влијателни во светот и кои можат да поставуваат нови знаци на патот кон евроинтеграциите. И најважно, долгата колона позади автобусот покажува дека сегашното возење е исправно. Сепак, треба отворање „четири очи“ и во мислите да се има дека сепак интересот на Македонија е најважен! Сериозна кривина е и онаа демографската. Наталитетот паѓа, а има и многу иселувања од државата. Совладувањето на оваа препрека зависи од сите нас во колоната, ама возачот треба настојчиво да наоѓа дополнителни сили и проекти за да се совлада оваа кривина. Последната кривина всушност и не е кривина. Главниот шофер треба често да погледнува на внатрешниот ретровизор – да види што прават патниците внатре. По девет месеци време е да се оцени колкумина од повисоките ешалони на власта треба да се симнат од автобусот. Без нив Мицкоски полесно ќе ги совладува кривините, а тоа најважно за Македонија. Извор: Скопско ехо