Забраната за увоз на алуминиум ќе се воведе постепено, со целосна примена една година по официјалното усвојување на пакетот. Покрај тоа, на санкциската листа се додаваат 48 индивидуи и 35 ентитети, кои ќе се соочат со замрзнување на имотот и забрана за патување. Амбасадорите на ЕУ денес се согласија за 16-тиот пакет санкции против Русија, кој што вклучува забрана за увоз на примарен алуминиум, продажба на гејминг конзоли и додавање на 73 брода од таканаречената „темната флота“ на санкциската листа, пренесува Ројтерс. Пакетот, кој главно останува во рамките на предлогот на Европската комисија, се очекува да биде усвоен од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ, како обележување на третата годишнина од целосната инвазија на Русија врз Украина.
Забраната за увоз на алуминиум ќе се воведе постепено, со целосна примена една година по официјалното усвојување на пакетот. Покрај тоа, на санкциската листа се додаваат 48 индивидуи и 35 ентитети, кои ќе се соочат со замрзнување на имотот и забрана за патување. Напредокот во најновите санкции на ЕУ доаѓа откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека се согласил да одржи дополнителни разговори со Русија за завршување на војната во Украина, по првиот состанок што го исклучи Киев – што претставува отстапување од досегашниот пристап на Вашингтон, кој ги обедини своите сојузници во изолацијата на рускиот претседател Владимир Путин. ЕУ, заедно со други западни сили, во последните месеци ги засилува рестрикциите со цел да изврши притисок врз рускиот извоз на нафта. Покрај санкциите за бродовите, амбасадорите се согласија да забранат трансакции со пристаништа и аеродроми во Русија кои се користат за заобиколување на ограничувањето на цените на руската нафта од страна на Г7. Новосанкционираните бродови ќе бидат додадени на веќе постоечката листа од 79 бродови, претежно танкери, кои Русија ги користи за продажба на нафта надвор од ценовниот лимит или пловила што помагаат во воените операции на Москва, како што е транспортот на муниција од Северна Кореја. Продажбата на гејминг конзоли, џојстици и летачки симулатори исто така ќе биде ограничена, бидејќи тие би можеле да се користат од руската војска за контрола на дронови, изјави дипломат од ЕУ. Извор: Новинска агенција МЕТА