Претседателот на САД, Доналд Трамп, одговори на забелешките дека Украина била изземена од преговорите меѓу САД и Русија за војната на украинска територија, тврдејќи дека можеле да постигнат договор „без да изгубат многу територија“. Претседателот на САД Доналд Трамп го критикуваше Володимир Зеленски, посочувајќи дека бил „разочаран“ од забелешките на украинскиот претседател дека бил изземен од преговорите меѓу САД и Русија за крај на војната во Украина, објави Гардијан. Трамп, исто така, се чини дека го обвинува Киев за руската инвазија истовремено говорејќи оти е поуверен дека е можен договор за крај на војната по првичните преговори меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија. „Многу сум разочаран, слушнав дека се вознемирени бидејќи не се на масата“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање за време на прес-конференција во неговиот ресорт во Мар-а-лаго на Флорида. Според американскиот претседател, многу послаб преговарач би можел да обезбеди договор години наназад „без да се изгуби многу територија“.
„Денеска чув ‘ах, добро, ние не бевме поканети’. Епа, вие бевте таму три години … Требаше да не почнувате. Можевте да постигнете договор“, рече Трамп. Тој го зголеми притисокот врз Зеленски да одржи избори во Украина, што е едно од главните барања на Москва. Претседателот на САД исто така најави оти би можел да се сретне со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин пред крајот на февруари. Се чини дека Вашингтон целосно го менува ставот кон Русија во потег што ги алармираше европските лидери. Претходно Зеленски ги критикуваше преговорите меѓу САД и Русија од кои е изземен Киев, велејќи оти напорите за крај на војната мора да бидат фер и да ги вклучуваат европските земји. Тој го одложи билатералното патување во Саудиска Арабија каде се водеа преговорите. Извор: Новинска агенција МЕТА